По повод петгодишнината од смртта на поетот и новинар Иван Василевски, здружението за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ распиша конкурс за учениците од средните училишта на тема „Куќа на ѕвездите“, што е наслов на една од неговите поетски книги. На конкурсот учествуваа стотина ученици од средните училишта во земјата, а најуспешните четири ќе бидат објавени во следниот, четврти број на списанието за литература „Зенит“, што го зидава ова здружение.
Во продолжение ги објавуваме наградените ученици и нивните творби:
1. Прва награда – „Ритам“ на Елена Соколоска
СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп
Ментор: Мартина Вељаноска
Ритам?
Се врзуваме со ритамот на животот. Дури и забавата станува дел од тој ритам. Бираш само такт и продолжуваш. Утринското кафе со цигара, училиште или работа, кафе-муабет со другарка. Погледнуваш во телефонот, време е за дома. Ако имаш деца, нивни обврски плус твои. Ако немаш, твои обврски. Нешто секогаш се чека на тебе. Диплома од средно, ако си вреден и диплома од факултет. Потоа плата, одговорност. Те чекаат документи, книги на полица, брак, љубов ако ти се посреќи. Ти чекаш неколку пијачки за викенд, чекаш да се опуштиш. Ќе дочекаш, ќе се опуштиш. Потоа пак е понеделник. Кругчето во твојот календар само се поместува, секој ден едно поле десно. Празници, одмори, ако имаш среќа и малку кеш, море и плажа. Одиш на шопинг, сакаш да купуваш, те исполнува. Сметката ја празниш, потоа пак ја надополнуваш. Додека си идиш од пилатес, сфаќаш дека имаш се` што требаше да имаш. Среќна си, се` доби смисла. Среќен брак, две прекрасни деца што личат на тебе, работа во која што не уживаш толку многу, но не е ни толку битно. Пишуваш домашна со децата, тие заспиваат. Водиш љубов, се тушираш, уморна си и заспиваш. Повторно кругчето во календарот се поместува. Другарка ти само што се разведе. Сестра ти стана доктор на науки. Луѓето околу тебе живеат живот во различен такт од твојот, но и тие го имаат истиот ритам. Правиш генералка пред Велигден. Доаѓаат куп гости, за некои многу се радуваш, за некои помалку. Сфаќаш дека твоите најмали братучетки веќе се жени. Прва брчка на лицето, потоа втора, па трета, па забораваш да броиш. Истото и со белите влакна на главата, па се фарбаш. Муабетите со фризерките се во посебна група на муабети. Гледањето со своите другарки заретчило. Децата веќе ти заминале, обврските се помали, но ти веќе си изморена. Ги дочита сите книги од полицата. Прва пензија, честење. Втора, трета, четврта. Повеќе не одиш на пијачки. Пиеш чај со комшивката. Полека ти се сменил ритамот, но не ти е веќе грижа. Креваш раце и уживаш. Тоа што веќе ти е здодевно те исполнува. Другиот ден веќе те нема. Со текот на времето те забораваат. Ако се вратиш само ќе им го зафркниш ритамот, затоа и никој не се враќа. Животот е бесмислен круг кој се врти вечно, а ние вознемирени од неговата брзина бараме смисла. Жално е што никогаш нема да ја најдеме, но уште пожално е што не се откажуваме. Некои велат човечки инает, јас ќе речам човекова глупост. Замижете за момент и сфатете. Најмногу брчки имаат тие што најмногу се смееле. Се` што треба да направиме, е да сме среќни во овој монотон ритам, наречен живот.
2. Втора награда – „Куќа на ѕвездите“ на Магдалена Алексоска I5 – СОУ„Богданци“ – Богданци
Ментор: Верица Ризовска
Куќа на ѕвездите
Коцка со 4-аголна пирамида
над која блескаат мали светки,
Светки кои понекогаш им ги спуштаме на саканите
Со нив пробуваме да изградиме цела кула,а не куќа.
Трошно мало куќиче од светки
ја одбележуваат оваа ,, Куќа на ѕведите”.
Ѕвездите се како мала искра разгорена
во огнот и во тој магичен ѕвезден трепет
на сводот преполн со тајни со искрен
блесок во нечиј очи,
го разговаруваат огнот на две срца.
Две срца заколнати на вечна завет и една љубов
Љубов како ѕвезда која силно свети ,
Љубов да се умре покрај некој, а не за некој.
3. Трета награда – „Куќа на ѕвездите“ на Сузана Митрева III 6 СОУ „Јане Сандански“ – Струмица
ментор: Билјана Костадинова
Куќа на ѕвездите
Март. Првите денови на месецот беа доста врнежливи, но полека, полека почна да се разведрува. Денеска е сабота, во градот сите се припремаат за да поминат еден незаборавен викенд. А јас седам сама и стуткана во фотелјата сместена до прозорецот којшто гледа точно кон ѕвездите. Повторно ми се чинат тоолку реални што чувствувам како куќата да плива во ѕвездите. Помина година од кога тој замина. Година од последното гледање во ѕвездите заедно со него.Ѕвезди…ах тие ѕвезди…
Дали знаете дека јас ги мразам ѕвездите? Ги мразам и ѕвездите, а и небото. Сигурно сега се прашувате зарем е возможно жив човек да ги мрази тие прекрасни нешта. Но, да! Ги мразам!Ми будат чувство на болка. “Ви љубоморам, ѕвезди!”- со насолзени очи им се обраќам. Чувствувајќи сила во мене, пискајќи и налутено повторно одговарам:-“Ви љубоморам и вам а и на сѐ друго што ме дели од него”. Наеднаш се стишувам со помислата дека не боли смртта, туку боли отсуството и сеќавањата. Посакувам да бидам ѕвезда, или пак да бидам дел од небото, така би можела да бидам до него секоја секунда. До неодамна им се восхитувавме на ѕвездите заедно со него, ги гледавме секоја ноќ од нашиот прозорец којшто ни даваше можност да се чувствуваме како да летаме меѓу нив прегрнати, затоа нашата мала топла куќа ја викавме и “Куќа на ѕвездите”. Но, сега сѐ се смени. Само нашата куќа остана куќата на ѕвездите. Восхитот се претвори во омраза. Повторно болка поради тие проклети ѕвезди, голема болка, болна болка… А, навистина мислев дека ќе стивне, ќе се пресуши морето од солзи, но, се излажав…гадно се излажав! Заедно со ѕвездите, заедно со разведрувањето на времето, се врати сето она што болеше и раната повторно се отвори, онаа голема рана во срцето. Ми доаѓа да плачам многу силно, да врискам за да ја извадам сета болка од мене, да заздрави раната, да престане да боли, но сѐ е залудно. Ме боли секој дел од телото. Сама сум, безмоќна, очајна, безпомошна. Чувствувам голема празнина со твоето отсуство. А спомените ме уништуваат до крај. Ми недостигаат утринските бакнежи, ми недостигаат силните прегратки кога на крајот на денот се враќавме дома уморни. Ми недостига твојата волшебна насмевка, ми недостига да ме насмееш, да ме милуваш по целата коса и образите, да ме бакнеш в чело и да ми кажеш колку ме сакаш, ми недостига сѐ што е во врска со тебе. Сега кога те нема, би ми било доволно само да ги погледнам твоите прекрасни очи, па дури ти да не ме погледнеш. Липам, се давам во солзи, пропаѓам сѐ повеќе и повеќе. Зошто ми се случува ова? Зошто ме остави? Зошто ги остави не исполнети нашите соништа и желби? Кој ќе ми одговори на сите овие прашања и кога?”Најпосле се свестив. Станав зашеметена, го отворив прозорецот и седнав на него. Почна да паѓа силен дожд, а не беше ни заоблачено. Останав будно да уживам додека течеа моите солзи а паѓаше и дождот. Сега можеби и тој плаче со мене. Можеби сака да дојде до мене и да ме прегрне, да ме утеши, бидејќи кога тој беше овде со мене никогаш не дозволуваше да плачам, го болеа моите солзи.
Сега како за крај сакам да му посакам добредојде на Март повторно со поглед кон ѕвездите: “Добредојде март, се надевам дека брзо ќе си отидеш или пак ќе имаш добар крај додека си овде. Kога повторно ќе дојдеш, те молам немој да ми носиш солзи и болка. Донеси ми среќа, топлина и љубов. Бидејќи тој сака кога сум среќна. Март, биди заштита на нашата куќа на ѕвездите, затоа што за мене, ти си месецот на ѕвездите”- Се сепнав, како да помина некоја топлина низ мене, но немав повеќе сила, бев преуморна од солзите, го затворив прозорецот и се стуткав во фотелја. “Никогаш нема да ги заборавам твоите памучни усни, твоите слатки бакнежи. Никогаш нема да те заборавам. Сега ветувам дека ќе живеам само за тебе, ќе чекорам гордо по патеката наречена живот, насмеена и без солзи, верувам дека тоа го сакаш”. Најпосле, заспав мирно мислејќи на него, мислејќи на најубавото нешто што ми се случило во животот.
3. Трета награда: „Куќа на ѕвездите“ Ники Полизоева II5
СОУ „Богданци“ – Богданци
Ментор: Ивана Димовска
Куќа на ѕвездите
Замислете дека ние сме патници од најдалечните ѕвезди и на својата патека наидуваме на Сонцето. Ќе откриеме дека Сонцето се наоѓа во прегратката на четири џиновски гасовити светови: Синиот Нептун и неговата смрзната месечина Тритон, а во далечината и Уран со неговите темни прстени веројатно создадени од органска материја. Следува Сатурн, бесценетиот камен на сончевиот систем, опколен со концентрични прстени создадени од милијарди смрзнати месечини. И конечно придружуван од огромни месечини најголемата планета, која никогаш не стана ѕвезда, Јупитер, завиен во облаци од прекрасни бои предизвикани од безвременските бури и молњи. Се поблиско сме до Сонцето. Нема повеќе џиновски планети, само неколку камени светови, некои обвиени во ситна обвивка од редок воздух, кои кружат околу сонцето со речиси никаква сопствена енергија. Малечки светови со цврста површина од кои едната е сина и прекрасна и се вика Земја. На пола покриена со облаци и е дом на патници кои само што испловија кон големото Вселенско Море, за да ги проучат своите браќа од Сончевиот систем Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун.Ова е нашиот дом. Ова сме ние во него и секој кого го љубиме и секој кого го познаваме и сите ние сме само честички во зракот сончев. Интересен факт за нас е тоа што мислиме дека сме крајот на универзумот, но единствено што треба е да експлодира далечна ѕвезда, да насее инспирација и љубопитност за да се вратиме во минатото кога се создаваше светот и да ги дознаеме работите на кои секогаш сме поставувале илјадници прашања без одговор…
Интересен факт за мене е тоа дека уште од мала бев “досадно” девојче кое секогаш имаше по милион прашања за некој нов поим. Најчести прашања имав на оваа тема бидејќи го обожавав сјајот и појавувањето на ѕвездите. Татко ми бидејќи беше професор по астрономија секогаш ми одговараше на прашањата, но никогаш не го разбирав бидејќи објаснуваше на многу посложен начин, се додека не купи еден голем телескоп којшто го постави покрај прозорецот. Веќе можете да претпоставувате дека следуваа уште стотици прашања. Дојде и омилениот дел од мојот ден. Ноќта, каде што мислите ми патуваат во универзумот. Кога темнината го освои небото седнав до телескопот и погледнав преку него. Првата ѕвезда светна силно и јазикот пак си го одигра своето и беше побрз од мислите. Дали сме ние ѕвезди? “Да”- одговори татко ми. Ние сме еден вид свет. Патуваме толку далеку што можно е да престигнеме на некој свет каде што во иднина ќе живееме. Можеби планетата ќе ни зададе катастрофи, можеби ќе стане потесна, па ќе мораме да се преселиме во некој друг свет, на некоја друга планета, во некоја друга димензија. Сите ние и сите непознати организми што живееле, што живеат или пак сѐ уште не се создадени на земјата и целиот универзум или родени потекнуваме од една иста материја. Можеби водород, можеби хелиум или пак тешки метали. Постојат многу приказни, теории и факти за како успеавме да го направиме овој огромен скок во технологијата и науката во астрономијата. Нашиот дом, односно Земјата е едно зрно прашина во сончевиот зрак сразмерно со големината на свемирот. Факт е дека најблиската ѕвезда до сонцето е одалечена 2700 години со брзина на светлината, а сончевиот зрак патува 8 минути до земјата? Од која корист ни е знаењето дека ни е местото во универзумот?