Во Галичник денеска се одржа 46-то издание на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“, која повеќе од 4 децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај.
Манифестацијата во исто време придонесува за зачувување на автентичноста на изворните песни и ора, како и на надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.
„Галичката свадба“, која традиционално се реализира со поддршка од Министерството за култура, ја следеа претседателот Стево Пендаровски, министерот за култура, Хусни Исмаили, како и голем број гости и посетители од земјава, но и од странство, кои можеа да проследат над 30 обичаи кои се изведуваа за време на свадбарските денови.
Инаку, традиционално, со одржувањето на „Галичката свадба“ во организација на месната заедница на селото Галичник, започна и „Галичкото културно лето“, кое и овојпат ќе понуди најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации посетители.
извор:makfax