• Fri. Nov 22nd, 2024

Објавен планот и протоколите за настава со физичко присуство во училиштата

Објавен планот и протоколите за настава со физичко присуство во училиштата

Министерството за образование и наука го објави Планот за одржување на наставата со физичко присуство на учениците во основите и средните училишта во учебната 2021/2022 година и протоколите за постапување на училиштата (основни и средни) во реализацијата на воспитно-образовниот процес по нивното отворање за сите ученици, што се планира од септември.

Но, поради неможноста да се предвиди промената на епидемиолошката состојба во државата, Планот содржи и насоки за уште два модела (сценарија) – за настава на далечина и комбиниран модел, кој ќе важи за учениците од петто до деветто одделение и предвидува нивна поделба во групи – за настава со физичко присуство и за онлајн-настава.

Отворањето на училиштата за сите ученици е првото сценарио за идната учебна година. МОН во Планот укажува дека одлуката за повторно отворање на училиштата во учебната 2021/2022 година го зема предвид фактот дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците. Планот објаснува што треба да преземат училиштата за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на Ковид-19.

Доколку епидемиолошката состојба во државата е стабилна, наставата ќе се одржува со физичко присуство и почитување на здравствените протоколи за организирање ваков модел на настава. Наставниот час ќе трае 40 минути. секое училиште за пристигнувањето, за заминувањето на паралелките во и од училиштетo, за смените, користењето на големиот одмор ќе изготвува распоред. Планот бара максимално искористување на просторните и кадровските капацитети и задолжителна примена на сите утврдени заштитни мерки.

Протоколите кои се достапни заедно со Планот, утврдуваат прецизни насоки како ќе се организира наставата со физичко присуство – влегување во училиштето ќе биде дозволено само со заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици, ќе има редарска служба за контролирање на влезот и излезот и за почитување на растојание и другите мерки, пред влезот во училишниот објект ќе им се мери температура на учениците и вработените, а забранети се физички контакти т.е. поздравувања. Просториите задолжително ќе се проветруваат по секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците, а за време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, ќе се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) ќе се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.

И за време на одморите (мал одмор од 5 минути меѓу часовите и голем одмор од 15 до 20 минути) ќе се почитуваат мерките за заштита и е потребно да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците. За време на големиот одмор кога учениците се во училишниот двор, задолжително ќе се спроведува чистење на училниците со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско антивирусно средство и задолжително ќе се проветруваат просториите. Учениците од пониските одделенија на основното образование ќе треба почесто да се потсетуваат на мерките за заштита со оглед на фактот дека се запознаваат и воведуваат во почитување на редовните училишни правила.

Според Планот, исклучок од наставата со физичко присуство ќе бидат учениците од ризична група, со потврда од матичен лекар/педијатар. Тие ќе следат настава на далечина која ќе се реализира во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците кои следат настава со физичко присуство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *