По наодот дека починатата велешанка, која со својот син беа пронајдени мртви во стан, е позитивна на коронавирус, Министерството за здравство ја проширува истрагата и во неа се вклучуваат повеќе институции, пренесува Макфакс.
Мајката и синот биле пријавени пред два дена кога од станот почнала да се шири смрдеа и посмртно беа тестирани на коронавирус.
Засега точно се знае само дека жената била почината повеќе од една недела. Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала.
„Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи“, информираат од Министерството за здравство.
Денес во Институтот за јавно здравје се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од дишното стебло на жената за да се потврди позитивниот резултат на Ковид-19.
Во истрагата за овој случај се вклучуваат експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемилози од Институтот за јавно здравје.
За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација (СЗО) која доколку има потреба ќе се вклучи со поддршка.