По повеќемесечна истрага, од страна на неколку оддели на МВР, вчера, на 27 декември полицијата привела осум членови на терористичка организација, информираат од ресорното министерство.
Врз основа на судски наредби за претрес во дом и други простории, извршени биле претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што пронајдени и уапсени се сите осум лица.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал веднаш вчера поднел и кривични пријави против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21), Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово за сторено кривично дело „терористичка организација“.
Имено, Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичка организација Исламска држава (ИСИС), за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните.