Силен интензивен дожд и град паднаа вчера попладне во Струмица. Силното невреме од циклонот Силвија за среќа го одмина струмичкото поле и градот со големина на грашок не предизвика штети по посевите и родот. Од Центарот за управување со кризи велат дека до нив нема пријавено никакви штети предизвикани од невремето.
Во Југоистокот најмногу дожд заврна во Гевгелија со шест литри на квадратен метар, а во Струмица според извештајот на УХМР наврнале еден литар на метар квадратен.
Во текот на утрешниот ден ќе има повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни и проследени со грмежи, особено попладне.
В среда и в четврток ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе има изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Земјоделските експерти советуваат, земјоделците да го заштитат родот, зошто променливото време е особено подобно за појава на болести.
Од сабота се очекува промена на временската состојба, ќе дува северен ветер и ќе предизвика пад на температурата, а се уште ќе има локални врнежи од дожд.