Независниот синдикат за образование и наука соопшти дека на вработените во образование сè уште не им е исплатена платата за март, пренесе Макфакс.
„Целата јавност е запознаена дека училиштата во кои сме вработени се затворени со цел заштита на здравјето и безбедноста. Иако училиштата не работат, ние и нашите ученици работиме. Работиме од дома, со свои ресурси за работа, во крајно невообичаени и отежнати околности, се снаоѓаме како што најдобро умееме и знаеме, а сè со цел да овозможиме нашите ученици да го поминат предвидениот наставен материјал и успешно да ја завршат учебната година“, велат од НСОН.
Меѓутоа, додаваат од таму, и покрај вонредните напори што ги вложуваме, и покрај законската обврска за исплата на плати најдоцна до 10 идниот месец, иако во пресрет на големи верски празници, на вработените во образованието сè уште не им е исплатена плата за март.
„Независниот синдикат за образование и наука бара платите на вработените во основното и средното образование да бидат итно исплатени, а наставниците да бидат поштедени од натамошни стресови и понижувања во овој и без тоа чувствителен период“, велат од Синдикатот