• Sat. Nov 23rd, 2024

Невработените мора да се пријават за да добијат картичка со пари

Владата ги открива деталите од четвртиот пакет на економски мерки, кој набргу треба и целосно да биде промовиран и според кажаното помош може да го очекуваат и фирмите и граѓаните. И овој пат, за граѓаните ќе има платежни картички со пари од државата, а оваа вест „ги разбуди“ невработените, кои поитаа кон Агенцијата за вработување за да се евидентираат.

Во Агенцијата, како што можевме да забележиме, дојдоа многумина што досега не се пријавувале како невработени. Причините за тоа се различни. Едни велат дека не веруваат во тоа дека Агенцијата ќе им најде работа и сами си аплицираат по огласи. Според други, тие веќе нешто работат, како чување деца или стари луѓе, и затоа и немаат кога да одат во Агенцијата и да трошат од нивното работно време на евидентирање секој месец или пак еднаш во шест месеци. Од друга страна, како што дознаваме од АВРМ, многумина што досега биле евидентирани како пасивни вработени, кои се пријавувале на секои шест месеци, сега бараат да преминат во активни баратели и да се евидентираат секој месец. Причината за тоа е што кога се делеа картичките со пари од државата, ним не им следуваа пари.

Според сегашните најави од Владата, во четвртиот економски пакет, пари ќе има и за пасивните баратели, токму поради големите реакции во јавноста дека оваа категорија граѓани неправедно беше изоставена од државната помош. Сепак, невработените, исплашени од претходното искуство, не сакат да ризикуваат и да испушат некоја мерка за помош. Заклучно со 31 август, според податоците на Агенцијата за вработување, има 144.759 невработени активни баратели на работа кои се пријавуваат секој месец и 84.058 пасивни баратели, кои се евидентираат на секои шест месеци.

Агенцијата за вработување од 15 септември продолжи со редовното пријавување на секои 30 дена (за активните баратели на работа) односно на секои 6 месеци (за другите лица што бараат работа).

– Секое невработено лице што има оставено контакт телефонски број веќе е известено по СМС-порака за точниот датум кога треба да се пријави во надлежниот центар за вработување или дисперзирана канцеларија, од причина што од 15.9.2020 година повторно е ставен во функција системот за распределување термини за редовно пријавување, според законските рокови за пријавување на 30 дена односно на шест месеци. Сите невработени лица што се пријавуваа во периодот кога беше запрено редовното пријавување, ги замолуваме да го почитуваат терминот наведен во СМС-пораката, кој е системски генериран – велат од Агенцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *