Нема да се намалува бројот на часови за основците, но нема да има ни настава во сабота, предвидува новиот закон за основно образование, кој е во подготовка. Министерот за образование Арбор Адеми на денешната презентација на новото законско решение кажа не планираат да го намалат бројот на учебни денови или бројот на наставни часови, но и дека нема веќе изгубени денови да се одработуваат во сабота, бидејќи се покажало како нецелисходно. Тој рече дека ќе направат подобра организација на наставата, а дека размислуваат во зависност од бројот на изгубени денови да ја продолжат учебната година.
Новото законско решение предвидува надворешно и меѓународно тестирање на учениците на крајот на секоја година, за да се утврди колку научиле од аспект на јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, култура и мултикултура. Тој кажа дека резултатите од овие тестови нема да влијаат на нивните оценки, ниту на оценките на наставниците.
Адеми рече дека планираат од прво до петто одделение за наставата по физичко образование да воведат и втор наставник по физичка и здравствена култура, а во делот на исхраната во училиштата нејзините нутритивни вредности да ги следи Државниот санитарен и здравствен инспекторат и центрите за јавно здравје, како и Државниот просветен инспекторат.
За новото законско решение кое уште не ја поминато владината процедура, Адеми најави и широки јавни расправи, како во делот на целосна инклузија на децата со попреченост, така и за другите новини кои ги предвидува законот