Министерката за образование и наука Мила Царовска соопшти дека второто полугодие продолжува по истиот модел досега, кој според неа се покажал успешен во првото полугодие.„Она што е позитивен пример не треба да го менуваме и сметам дека второто полугодие ќе продолжи да се спроведува со комбинираниот модел и дека оваа учебна година ќе ја завршиме според успешно воспоставениот модел“, изјави министерката Царовска
Таа посочи дека најголем предизвик во првото полугодие било како наставниците ќе се снајдат со онлајн наставата.„Но, овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење на часови преку телевизија”, рече Царовска.За неа, првото полугодие завршило успешно.
Според статистиките на МОН, над 90% ученици успешно следеле онлајн настава, имало помалку од 1 % активни случаи со Ковид-19 на наставници и ученици од оние кое биле со физичко присуство, а наставата и оценувањето завршиле успешно и навреме.Во меѓувреме, Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата ако властите не ги исполнат нивните барања во однос на полагањето државна матура.
Вчера, пак, упатија реакција до властите барајќи да започнат со процесот на повторно отворање на средните училишта со постепено воведување на комбинираниот модел на настава.Наспроти ставот на министерката Царовска, од Сојузот сметаат дека наставата од далечина оставила штетни последици врз менталното здравје на учениците, нивната потреба и врз квалитетот на самиот наставен процес.„Во многу случаи, наставата од далечина беше и дискриминаторска – таа не дозволуваше еднакво учество на средношколците кои немаат пристап до ИКТ опрема или интернет.
Сојузот изработи две истражувања кои ги потврдија овие наоди: 80% од учениците онлајн наставата ја оценија со 1, 2 или 3, т.е. ниски оценки“, укажаа тие.Второто полугодие треба да започне на 21 јануари, во четврток.