За 13 години бројот на средношколци во Македонија е намален за 24 илјади ученици, покажуваат податоците.
Бројот на ученици во Македонија значително се намалува последниве 10 години. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2009/2010 година во средните училишта во земјава имало над 95 илјади ученици, додека во 2021/2022 година имало 71 илјади средношколци. Тоа е намалување за над 24 илјади ученици или една четвртина од учениците за само 13 години.
Рекорден број на средношколци во изминатите 20 години имало во 2005/2006, кога биле запишани скоро 96 илјади ученици, но за споредба е земена 2009/2010 година, кога веќе важеше законот за задолжително средно образование.
За оваа учебна година беа отворени скоро 30 илјади слободни места за прва година средно образование, а се запишаа 15.481 ученици. Има уште еден уписен рок во август за оние кои се на полагање.
Пред една деценија имало во просек по 19 илјади средношколци во генерација, пред 5 години по 17 илјади, а сега уште помалку.
Исто така, пописот спроведен во 2021 година покажал дека бројот на млади луѓе во државава значително е намален. За 20 години бројот на луѓе помлади од 29 години се намалил за 270 илјади жители.