Вработените од Домот за доенчиња „Мајчин дом“ – Битола се подготвуваат за целосна трансформација на институцијата. Денеска и утре учествуваат на обука што треба да заврши наесен. Целта е да се подготви персоналот за престојните промени, кои се дел од преминувањето од згрижување во институција кон давање услуги во заедницата на доенчињата и децата што ќе бидат деинституционализирани, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
„Со досегашниот процес на деинституционализација во ‘Мајчин дом’ – Битола за две третини е намален бројот на деца што престојуваат во оваа институција. Наша цел како Министерство е на сите да им најдеме топол дом. Истовремено, обезбедуваме квалитетни услуги на локално ниво, кои ќе бидат поддршка на згрижувачите, биолошките родители и на децата. Вкупниот број деца смесетни во институции е намален 75 отсто, а нашата главна заложба е сите деца да ги извадиме од големите безлични институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето квалитна база на згрижувачки семејства децата повеќе не се згрижуваат во големите установи“, се наведува во соопштението.
Обуката што почнува денеска опфаќа и развивање и подобрување на меѓусебната комуникација и разбирање, зајакнување на тимскиот дух, но и полесно приспособување во нови работни опкружувања и е организирана од Министерството за труд и социјална политика со поддршка од УНИЦЕФ и британската амбасада.
извор:makfax