• Fri. Nov 22nd, 2024

Младите пијанистки Мазнејкови ќе учествуваат на „Денот на пијаното“ во Скопје

На 29 март во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден на пијаното. Настанот Ден на пијаното во Скопје ќе се одржи во Салон 19 19, а го организира м-р Светлана Димитриевска, професорка по пијано, под покровителство на град Скопје и КИЦ, а во соработка со Гете институтот и Амбасадата на Р.Словенија. Овој настан ќе содржи неколку делови:

-Звуците на класиката (дел во кој настапуваат ученици кои ќе изведуваат класични композиции, а ќе биде одбележана и 85 годишнината од раѓањето на композиторот Томислав Зографски)

-Мојот идол (музички портрет на македонскиот пијанист Дино Имери)

-Во земјата на чудата (циклус пиеси за трака и пијано за деца од македонската композиторка Ана Пандевска). Изведбата на циклусот за трака и пијано ќе биде збогатен и со балетска кореографија.

Музичкото училиште од Струмица е покането да учествува на одбележувањето на Денот на пијаното, а учество ќе земат младите пијанистки Ивана Мазнејкова и Ана Мазнејкова од класите на професорите Ленче Мазнејкова и Зоран Мазнејков. Мазнејкови ќе настапат во делот „Во земјата на чудата“ и ќе изведат по еден став од циклусот трака и пијано.

Ана Мазнејкова ќе го свири третиот став насловен како „Седумте џуџиња“, а Ивана Мазнејкова ќе го затвори настанот со изведба на осмиот став од циклусот „Могли и џунглата“.

Иницијативата за одбележување на денот потекнува од младиот германски музичар, композитор и продуцент Нилс Фрам, кој го одбрал 88 ден во годината за прослава на инструментот чија клавијатура има 88 клавиши.

Настанот се одржува во истиот ден во многу метрополи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Австралија и на него учествуваат професионални пијанисти и аматери, млади и стари вљубеници во пијаното.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *