Министерството за одбрана информира дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни.
„На мисија во Либан во моментот се ангажирани тројца припадници на Армијата, кои се распоредени и ги извршуваат своите задачи на безбедни локации надвор од Бејрут. По веста за повредени морнарички мировници во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, чиј брод бил погоден во експлозијата на пристаништето во Бејрут, изразуваме надеж за побрзо закрепнување на мировниците и поддршка до земјите од каде што тие потекнуваат“, се вели во соопштението.
Од Министерство за одбрана изразуваат длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут, Либан.
Според последните информации, загинати се најмалку 100 лица, а повредени се речиси 4.000. Разорната експлозија го уништи пристаништето и голем дел од централното градско подрачје на Бејрут.
извор: Макфакс