• Sat. Nov 23rd, 2024

Министерот Шаќири за 100 дена Влада: Продолжува имплементацијата на мерките за зајакнување на активната транспарентност на работата на институциите

Во своето обраќање по повод 100 дена Влада, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се осврна на тековните активности, преземените обврски, заложби и долгорочните цели на МИОА.

Министерот Шаќири посочи дека продолжува имплементацијата на мерките за зајакнување на активната транспарентност на работата на институциите. Дел од активностите се модернизација на веб-страниците на министерствата и Владата, како и подготовка на Стратегијата за отворени податоци.

„Јас лично во изминатите 100 дена остварив многу средби, учествував на презентации и јавни дебати, како и присуство со разни промотивни материјали со цел зголемување на степенот на транспарентност на институциите. Стратегијата ќе се финализира во првата година од мандатот. Исто така во изминатите 100 дена имав одлична и блиска соработка со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за ефикасно и квалитетно спроведување и унапредување на правичната и соодветна застапеност во сите институции од јавниот сектор “, рече министерот Шаќири.

Министерот потоа информираше дека започната е подготовката на Законот за дигитална агенција, која ќе се оформи во 2021, како централна институција за спроведување на процесот на дигитализација во општеството, но и целосна ИТ поддршка за државните институции.

„Дигиталната агенција е неопходност на нашиот јавен сектор и јас сум целосно посветен тој процес да го предводам и очекувам максимална поддршка од Владата во финансирањето на тој процес. Тука спаѓа и проектот за државен клауд систем, којшто исто така јас веќе не само што го иницирав, туку поднесовме и проектно фише во првите 100 дена пред донаторите од ЕУ како еден од приоритетните проекти, со којшто треба да гарантираме едно централно место, државен центар во којшто ќе се постават сите системи на јавниот сектор. Не помалку важно е и подобрувањето на мрежната инфраструктура, бидејќи како што знаете Република Северна Македонија мора да ги надгради оптичките мрежни капацитети со цел користење на најмодерните технологии и ИТ решенија“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека овие проекти ќе се имплементираат со помош на фондови како што се Светска банка и Инвестициската рамка на Западен Балкан, како и ИПА инструментот на ЕУ .

МИОА во септември започна со друг ИПА проект, наменет за подобрување и проширување на владините и јавните електронски услуги, што ќе трае три години, при што  40 регистри и услуги ќе бидат готови до лето, а до крајот на проектот вкупно ќе има нови 135 електронски услуги за граѓаните и бизнисите. Дополнително, министерот посочи дека, во соработка со Министерството за образование и наука веќе се пуштени во употреба 6 нови електронски услуги, како што се услугите за нострификација на дипломите, како проект преку Британската амбасада. Се работи и на интегрирање нови услуги на Националниот портал на електронски услуги, како што се апликациите за студентски и ученички стипендии, упис во училиште, упис во градинка и апликација за грант за реновирање на училишта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *