Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на првиот состанок посветен на дијалогот ЕУ-Западен Балкан за ИКТ, кој се одржува во Брисел.
Состанокот го отвори Еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, а покрај министерот Манчевски меѓу другите учествуваат и ресорните министри од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Mинистерот Манчевски потенцираше дека во изминатите години, преземени се сериозни активности во однос на дигиталната трансформација, за постепено да се напушти принципот на „управување со хартија“ и да се промовира приодот „дигитално на прво место“, што подразбира и неопходни промени во техничка и правна смисла.
„Како носители на одлуки
за дигитална политика, посветени сме на обезбедување еднаков пристап до јавните
услуги за нашите граѓани и бизниси. Поголемата достапност на услуги и можности
преку дигитални канали носи поголеми предизвици. Со цел да се поттикне
економскиот раст, но и да се премости јазот со ЕУ, треба да обезбедиме силна
дигитална инфраструктура, усогласеност со законските барања, како и отворен и
безбеден сајбер простор“, истакна министерот Манчевски, додавајќи дека една од
основите на Дигиталната агенда на Европската Унија, а со тоа и почетокот на
дигиталната трансформација на Северна Македонија, е усогласувањето на домашното
законодавство со регулативата на ЕИДАС.
Министерот Манчевски ги претстави активностите на МИОА и владата во сферата на
дигитализацијата: донесување на Законот за електронски документи, електронска
идентификација и доверливи услуги, Закон за електронски услуги и електронско
управување како и Закон за Централен регистар на население, потоа Каталог на
услуги, Национален портал за е-услуги итн. Исто така, усвоени се Националниот
оперативен план за широкопојасна мрежа и Стратегиите за Отворени податоци
2018-2020 и Сајбер безбедност 2018-2022 заедно со нивните Акциски планови итн.
„Република Северна Македонија е посочена како земја која демонстрира висока
заложба во сите 5 столба според индексот на Global Cybersecurity Index
2018(ITU) и тоа како единствената земја од Западен Балкан во оваа категорија“,
рече Манчевски.
Целта на овој прв состанок е да се разгледа напредокот во имплементацијата на Дигиталната Агенда за Западен Балкан и наредните чекори во таа насока, а во исто време да се запознаат учесниците со последните новитети од законодавството на ЕУ поврзани со: Сајбер Безбедност, Директива за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги, економија на податоци и Telecom code.
извор:makfax