Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видео-конференциска средба со група поранешни Европарламантарци, членови на Здружението на поранешни Евро-пратеници.
„Османи им се заблагодари на учесниците за големиот интерес за реализирање на ваквата посета на Северна Македонија дури и со овие Ковид-19 околности. Истакна дека ангажманот на членовите на Здружението на поранешни евро-пратеници во промовирањето на европските стандарди и вредности е препознаен и високо вреднуван, како и нивната силна поддршка на европската перспектива на земјата. Во тој контекст беше поздравено силното лобирање за отпочнување на ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија во рамки на Германското претседателство со ЕУ до крајот на оваа година“, соопштија од МНР.
„Имав интензивна и плодотворна посета на Брисел минатата недела за време на која се сретнав со влијателни европратеници, претставници на различни политички групи во Европскиот парламент. Од нивна страна, недвосмислено беше потврдена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година“, нагласи Османи.