Со оваа одлука, наместо до 31-ви март, рокот за склучување на договори се продолжува до 30-ти април. Ваквата одлука се донесе поради вонредната состојба на територијата на државата прогласена заради пандемијата од коронавирусот, поради што процесот на склучување на договори во месец март, не се одвиваше со иста динамика како во месец февруари 2020 година.
Од овие причини, на почетокот на овој месец, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, направи анализа. Според извештаите кои произлегуваат од информативниот систем за евиденција на тутун (ИСЕТ), за реколта 2020 година до 7- ми Април 2020 година се склучени 29.531 договори, на површина од 11.936 хектари за планирана количина од околу 22.654 тони тутун.
Во координација и по барање на откупните претпријатија и на производителите на тутун, за да можат да склучуваат договори и по законскиот рок, кога би се договориле околу 1.500 -1.600 тони тутун, МЗШВ предложи, а Владата денеска го прифати предлогот за одложување на рокот за склучување на договори за производство и откуп на тутун, односно продолжување до крајот на овој месец.