• Sat. Nov 23rd, 2024

Месецов нема отворање на границата со Грција

Во текот на неделава закажани се два состанока во рамките на Светската здравствена организација и Европскиот самит, а во врска со отворањето на границите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, пренесе Макфакс.

Тој рече дека ќе мора заеднички, во рамките на регионот, да се носат одлуките бидејќи залудна би била добрата стратегија на државата ако се отворат границите и без контрола почнат да се пуштаат патници.

„Утре е закажан состанок на СЗО токму за нашиот регион, а в среда Европскиот самит има дискусија за таканаречена излезна стратегија. Една од темите на двата состанока ќе биде токму отворањето на границите. Зборував со моите колеги од регионот, грчкиот колега ме извести за отворање на границите во јуни, во мај тоа нема да се случи. Затоа, за патувањата може да се зборува само по координацијата со соседните земји“, рече Филипче.

На прашањето зошто на еден начин се прескокнува летото и никој не го гледа како период во кој би можело да има пик на коронавирусот, министерот изјави дека сега, според сите процени, Ковид-19 ќе се префрла на јужната хемисфера.

„Не го прескокнуваме летото, но ова се смета за вирус кој е респираторен и според сите очекувања и претпоставки, тој сега ќе се префрли на јужната хемисфера и постои ризик да се врати на северната хемисфера наесен. Барем засега така се движат предвидувањата“, рече тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *