• Sat. Nov 23rd, 2024

МВР: Најмногу настани во изборниот ден забележани во СВР Струмица

Дури 38 настани поврзани со изборниот ден се регистрирани на подрачјето кое го покрива Секторот за внатрешни работи Струмица. Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на прес конференцијата по затворањето на гласачките места, истакна дека биле регистрирани 151 настан.

Опсервирано по сектори на внатрешни работи најмногу од оваа бројка регистрирани се на подрачјето на СВР Струмица или 38 настани, а потоа следат по 31 настан на подрачјето на СВР Скопје и СВР Штип, во СВР Битола регистрирани се 23 настани, СВР Куманово 14 настани, во СВР Тетово шест, СВР Велес 5 настани и 3 настани на подрачјето на СВР Охрид.

Чулев истакна дека се приведени 8 лица за изборни прекршоци, како и дека се случиле два физички напади.

Генералната оценка на Министерството за внатрешни работи е дека изборниот ден главно минал во мирна и демократска атмосфера и покрај тоа што се одржаа во тешки услови на пандемија. Заклучно со 20 часот на подрачјата на сите осум сектори за внатрешни работи во текот на денешниот ден од отворањето на гласачите места вкупно биле евидентирани 151 настан, од кои што 31 настан во наодите по пријавите не се потврдени, додека констатирани се 9 прекршоци – изјави министерот Чулев.

Три настани се по член 16, лажно пријавување на настан или повикување на помош со цел да излезе службено лице, потоа 3 прекршоци од Изборниот законик и по еден прекршок по член 4 викање и карање на јавно место и член 14 односно постапување противно на наредба на службено лице.

Поради расчистување на настани приведени се 8 лица од кои четворица за фотографирање на гласачкото ливче, три лица за сторени прекршоци, како и едно лице кај кое биле пронајдени две гласачки ливчиња – рече министерот.



Најголем дел од пријавите се однесуваат на агитирање – 75 настани, давање поткуп се 29 настани, потоа испишување на графити се 6 настани, пет настани се за нарушување на јавниот ред и мир, фотографирање на гласачко ливче се шест настани, потоа 7 случаи за попречување на гласач, два настани се за фотографирање на гласачи, три настани се евидентирање на гласачите, потоа два физички напади, како два настани за носење на гласачи на гласачко место – објасни Чулев.

Министерот за внатрешни работи посочи дека генерална констатација негова, како и на неговите колеги во МВР што работеле на изборите, е дека овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера кои се доказ дека граѓаните се совесни, но и МВР функционира според Уставот и законите.

Задоволство ми е што како министер во техничката влада успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори – дополни Чулев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *