Во текот на изминатите дванаесет години „Матурската парада“ од идеја прерасна во традиционална манифестација за одбележување на еден од најзначајните настани за младите луѓе, кога детските години ги заменуваат со полнолетство, заокружуваат еден дел од своето образование и започнуваат остварување на нивните животни соништа, велат од општина Струмица.
Така и оваа година матурантите од Република Северна Македонија истовремено со врсници од 60 градови од Југоисточна Европа, ќе го танцуваат штраусовиот квадрил, истовремено испраќајќи порака за борба против насилството, за меѓусебна комуникација и толеранција.
Од Одделението за образование во општина Струмица ги известуваат граѓаните дека на ден 17.05.2019 година (петок), со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Гоце Делчев“, матурантите од средните општински училишта „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“, ќе бидат дел од учесниците во проектот – Матурска парада 2019 година, најголемиот синхронизиран танц на светот за Гинисов рекорд.
Општина Струмица и градоначалникот Коста Јаневски и оваа година се покровители на оваа манифестација и обезбедуваат се што е потребно за нејзина реализација.