• Wed. Nov 27th, 2024

Маричиќ говорник на конференцијата „Западен Балкан: Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи” во Вашингтон

ByЃ. K.

Jul 13, 2023

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на покана на „Трансатлантската лидерска мрежа” денеска во Вашингтон ќе се обрати на Конференцијата на тема: „Западен Балкан – Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи”.

Во пресрет на почетокот на конференцијата беше организиран прием, каде Маричиќ имаше поздравен говор пред учесниците и домаќините на настанот, во кој изрази задоволство и чест за поканата и ги поздрави ваквите иницијативи кои ја зајакнуваат довербата и регионалната поврзаност, како и трансатлантските односи, врз кои ги градиме безбедноста и просперитетот на Западен Балкан.

Соговорници на панелот во кој учествува вицепремиерот Маричиќ ќе бидат албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, министерката за европски интеграции на Србија, Тања Мишчевиќ, Дејвид де Фалко, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија при американското Министерство за трговија, Јасмин Махмузиќ, директор на Агенција за банкарство на Босна и Херцеговина и Валбона Зенели од Европскиот центар за студии за безбедност, Центарот Џорџ Маршал.

На конференцијата организирана од страна на Трансатлантската лидерска мрежа, а во соработка со Центарот за Европа на Атлантскиот совет, ќе се обрати и министерот за економија, Крешник Бектеши, на панелот посветен на енергетиката и енергетската независност.

Вицепремиерот Маричиќ работна посета на Соединетите Американски Држави ја завршува утре, на билатерална средба со специјалниот претставник за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар за Европа и Евро-Азија, Габриел Ескобар.

By Ѓ. K.