Македонските одбојкари попладнево од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје за противник ја имаат Холандија во битка за второто место во групата Ц и полесен противник во нокаут фазата која ќе ја продолжат во Бари.
Со двете победи, над Данска (3-1) и Црна Гора (3-0), како и поразот од неприкосновената Полска (0-3), македонските одбојкари се на третото место во групата со шест бодови, три помалку од второпласираната Холандија која има одиграно и натпревар повеќе.
Пред комплетирање на групната фаза во Скопје, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски утре ќе играат против Чешка по што четирите најдобри репрезентации од групата Ц ќе се преселат во Бари и во нокаут фазата ќе вкрстат со четири првопласирани репрезентации од групата А во која води Италија (12 бодови), пред Србија 9, Германија 8, Естонија 2, Белгија 1 и Швајцарија 1 бод.