Имаме чест и задоволство да Ве поканиме на мулти-медијалниот проект “Македонска вечер”, на кој ќе биде отворена изложбата “Порти” од Марјан Ѕин, ќе бидат интерпретирани стихови од стихозбирката “Чудно време” oд Томе Велков и ќе биде одржан рецитал на баритонот Ристе Велков во пијано придружба на Иван Еминовиќ.
Носител на овој проект е првенецот во Македонската Опера и Балет, Ристе Велков кој ќе се претстави со композиции од македонски автори, обработки на традиционални песни и неколку неаполитански песни. Баритонот Ристе Велков на пијано ќе го придружува Иван Еминовиќ, диригент во Македонската Опера и Балет. Поетот Томе Велков од Струмица ќе интерпретира стихови од стихозбирката “Чудно време”, а ликовниот уметник Марјан Ѕин ќе биде претставен со 14 дела од циклусот “Порти”.
Марјан Ѕин е роден на 31.08.1976 г. во Струмица, дипломира на НХА (Национална академија за ликовна уметност) во 2002 година, специјалност “Плакат” во класата на проф. Иван Газдов. Магистрира во 2005 г. во класата на проф. Димитар Тасев. Има реализирано самостојни изложби во Македонија и Бугарија, а на групни изложби се има претставувано и во Лондон, Њујорк, Рим, Прага, Барселона, Женева и Солун.
Томе Велков е роден 1947 г. во Струмица, живее и работи во Скопје, автор е на 4 стихозбирки.
Баритонот Ристе Велков е еден од најпознатите оперски солисти во Р. Македонија. Завршува средно музичко училиште “Илија Николовски-Луј”-Скопје 1994 г, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Милка Ефтимова, а магистрира во 2011 година на истиот факултет во класата на проф. Билјана Јовановска Јакимовска, смер-соло пеење. Специјализира и стекнува мајсторски степен во приватното студио на легендарниот мајстор-Стојан Попов-баритон од Софија. Се усовршува и во оперското студио на светски познатиот оперски уметник Николај Херлеа-баритон од Букурешт. Има настапувано на бројни македонски и значајни меѓународни фестивали, со познати колеги, оперски пејачи и под диригентска палка на бројни познати диригенти.
Настанот ќе се одржи на 12 јуни, во 18:30 ч, во Музичкиот Центар “Борис Христов” (ул. “Цар Самуил” 43) Софија.