Општина Струмица денеска уште еднаш ја потврди својата силна заложба за заштита на животната средина. Во име на Општината, заменичката на Градоначалникот Елена Магеровска Паликарова, денеска во Скопје ја потпиша Декларацијата за активна заштита на животната средина и ублажување на климатските промени.
Декларацијата ја нагласува заедничката одговорност на локалната и централната власт и граѓанскиот сектор за заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на животот и создавање наследство на одржливост за идните генерации.
Беа презентирани и обврските на општините од Зелена агенда за западен Балкан преку приказ за активности и можности за финансирање на локално ниво.
Настанот беше организиран во рамките на проектот ,,ГО во акција за климатските промени” спроведуван од Еко-свест, Македонско Здружение на Млади Правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе-ЦНВП, а финансиски поддржан од владата на Шведска, заедно во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање.