• Thu. Nov 21st, 2024

Кошаркарот Ервин Цого го стави својот дрес на аукција за да ѝ помогне на Луна – ДРЕСОТ ЌЕ ГО ДОБИЕ ТОЈ ШТО ЌЕ ДАДЕ НАЈВИСОКА ПОНУДА

ByЃ. K.

Jul 31, 2023

Најдобриот македонски кошаркар во „3 на 3“, Ервин Цого, го стави својот дрес на Инстаграм аукција. Како што објави тој на својот профил, оној што ќе понуди најмногу пари ќе биде идниот сопственик на дресот, а ќе го добие веднаш штом уплати средства на сметката на Луна.

Малата Луна Поп Костова (14) боледува од церебрална парализа, за неа дечиња собираа донации со помош на продажба на крофни и се одржа хуманитарен концерт на плоштадот во Гевгелија. Собраните средства беа донирани за да се соберат парите што се потребни да се изврши операција во Турција.

„Парите од продажбата ќе бидат донирани за операција на малата Луна Поп Костова од Гевгелија, која има церебрална парализа и последнава година и пол се бори со сколиоза.

Операцијата треба да се направи во Турција, а чини околу 64.000 евра.

Понудите за дресот испраќајте ги во инбокс до 04.08.2023 (петок), кога и ќе биде завршена аукцијата. Дресот ќе го добие тој што ќе даде највисока понуда, а ќе му биде испратен откако ќе ги уплати парите на сметката за лекување на Луна“ – порача Ервин.

By Ѓ. K.