• Fri. Nov 22nd, 2024

Коста Јаневски ја презеде функцијата градоначалник на општина Струмица

Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, денеска, му ја предаде градоначалничката функција на Коста Јаневски, кој од денеска е новиот градоначалник на општина Струмица. Јаневски ја презеде функцијата по добивањето на решението за избор од Општинската изборна комисија.

Рече дека со голема чест и одговорност ја презема градоначалничката функција, заблагодарувајќи им се на граѓаните за поддршката и кои, како што рече,  во неговата програма ја препознале неговата визија и љубов кон Струмица, а потенцираше дека сака заедно со нив да ја градат иднината на Струмица.

-Со голема чест, но истовремено и одговорност, денеска, ја примив функцијата градоначалник на општина Струмица. Велам чест, затоа што Струмица не е било која општина, туку, најпрогресивната општина во последните 12 години, од која граѓаните очекуваат многу и тоа со право. Одговорност, затоа што мојот градоначалнички мандат ми е доверен со голем број гласови од граѓаните, рече Јаневски.

Вршителот на должност, Костадинов кој осум месеци ја извршуваше градоначалничката функција, на примопредавањето се заблагодари на поддршката од општинската администрација и граѓаните, рече дека со  Јаневски, Општината ја остава во сигурни раце, а од позицијата на пратеник во Собранието на Република Македонија ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните.

-Денеска, заврши мојата должност вршител на функцијата градоначалник на општина Струмица. Се чувствувам особено горд што ја имав можноста осум месеци да ја водам Општината, која што 12 години се градеше по европски терк, која беше и останува најпосакувано место за живеење во Македонија. Предизвикот беше голем и сериозен за млад човек како мене, но претходно имав добар учител и само го следев патот што веќе беше трасиран од него, рече Костадинов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *