• Sat. Nov 23rd, 2024

Корона вирусот откри примитивност и себичност кон најблиските

Со почетокот на пандемијата предизвикана од корона вирусот (Ковид 19) една од стратешките определби на државата во справување со кризата беше да се обезбеди грижа за менталното здравје на населението. За таа цел во Клиниката за психијатрија беа отворени телефонски линии за психолошка поддршка на граѓаните. Директорот на клиниката Стојан Бајрактаров во интервју за „Рес публика“ објаснува дека нашиот народ не е навикнат на изолација, туку на блискост и дека е нормално што тешко му паѓа новиот начин на живот. Тој укажува дека кај одредени групи се јавува примитивен одбранбен механизам односно негирање на вирусот. Тие не ги почитуваат мерките за претпазливост без да се размислат дека се себични кон најблиските. Според него, станува збор за малцинство и повеќето граѓани имаат критички однос кон сопственото однесување, што влева надеж за колективното ментално здравје.

Како се одразија изолацијата и карантинските мерки односно социјалното дистанцирање меѓу луѓето во вонредната состојба, наспроти физичкото дистанцирање кое веќе неопходно треба да го практикуваме?

– Секоја општествена криза, вклучително и сегашната поврзана со пандемијата предизвикана од корона вирусот, носи негативни последици врз менталното здравје на индивидуално и на колективно ниво. Реакциите и психолошките справувања во слични кризи се опишани и во литературата и низ историјата, како на пример во „Илијада“, опсадата на Троја, во пандемиите со чумата или за време на светските економски кризи. Низ тие примери можеме да ги научиме историските лекции, да предвидиме што може да очекуваме и да се подготвиме за евентуална криза на нашето ментално здравје. За време на карантин Шекспир ја напишал „Кралот Лир“, Њутон ја создал теоријата на гравитацијата, Мунч и Бокачо биле мошнe продуктивни.

Ретко кој остана недопрен од оваа кризна состојба, имајќи предвид дека сите моравме да направиме промени на бихејвиорален план. Го променивме начинот на нашето секојдневно однесување и функционирање и за очекување e дека тој стил ќе остане уште најмалку неколку години. Секако, има примери кога поради лични карактеристики и стресогени фактори кај поединци, нивните индивидуални капацитети за соодветен одговор на кризата се лимитирани. На тие индивидуи треба да им се помогне. На колективното ментално здравје влијаат неколку значајни чинители. Тоа се нашиот медитерански дух, нашиот генетски предиспониран темперамент, навиките за блиска социјализација во нашата микросредина, нашите традиционални вредности, блиските фамилијарни релации, како и навиките за градење блиски релации на работното место, во маалскиот живот или според интересите за различни социјални или културни активности.

Какви информации добивате од отворените линии за психолошка поддршка на Клиниката за психијатрија? За што најмногу се обраќаат граѓаните?

– Во првичниот период по почетокот на кризата, луѓето не можеа да прифатат или да се прилагодат на здравствените мерки за претпазливост и имаше пораст на проблемите, пред сѐ на емоционален и бихејвиорален план. Еден пријател, којшто е мошне позитивна и дружељубива личност, по двонеделната изолација рече дека го сменил мислењето за изразот „ментално здравје“, додавајќи дека отсега ќе го почитува иако претходно сметал дека е само една флоскула.

Реакциите на граѓаните беа очекувани, имајќи предвид дека ние сме дружељубив народ, кој е доста социјално активен, со навики за градење блиски меѓучовечки релации. Затоа, мерките мошне тешко им паднаа на одредени групи граѓани. Тоа беше причина да се лимитираат можностите на здравствениот систем за справување со кризата.

Генерално, ние како народ немаме навика да се изолираме, туку сме навикнати на емпатија и помагање на блискиот. Како народ сме темпераментни со екстровертно однесување. Ние имаме традиција на блиски контакти, сакаме да се гушнеме, да се бакнеме, да имаме физички допир и сега ни недостига таа телесна близина. Но, со текот на времето, „во од“ учиме дека може да се преструктуираме. Се адаптираме на кризата и на новите начини на социјално дружење и на секојдневно однесување.

Епидемиолошката слика денес е одраз на моменталното однесување на населението во Македонија во новата реалност. Во каква кондиција е менталното здравје на нацијата?

– Живееме во време со доста ризици и предизвици за нашето ментално здравје, коишто се присутни подолг период и тие само се засилија со пандемијата. Епидемиолошката состојба е резултат и на активирањето на еден примитивен одбранбен механизам кај одредени колективи. Тоа е негацијата односно „ако имам став дека не постои корона вирусот, тогаш и нема од што да се плашам“. Станува збор за себичен став, бидејќи ако самиот не ги спроведуваш мерките, го ставаш во опасност и другиот. Не се размислува дека најчесто тоа се најблиските.

Ваквото неодговорно однесување е во корелација со кризата на националното духовно здравје, на општествените вредности, на моралот, коишто се чини дека подолг период се во фаза на трансформација. Ако ова го асоцираме со националното ментално здравје, би се извел заклучокот дека себичноста кај лицата кои не ги почитуваат мерките и не ја прифаќаат својата одговорност за колективното здравје, преовладува над чувството на колективна одговорност и над сите позитивни корелати како хуманост, емпатија, алтруизам… Но, мислам дека тие се малцинство. Кај мнозинството граѓани е присутен критички однос и развиени способности за увид во сопственото однесување, што влева надеж дека може да имаме претпазливо оптимистички став за просперитетот на нашето ментално здравје на колективен план.

Колку ќе не смени пандемијата како луѓе? Дали однесувањето на нацијата е во релација со некои светски трендови?

– Со нашите колеги во повеќе европски земји дискутираме дека менталното здравје на колективно ниво има заеднички интернационални карактеристики. Во првичниот период надвладеа инстиктот за преживување. Како сите да ги вклучивме сите наши психолошки капацитети за справување со ризиците по нашето здравје. Се активираше колективниот нагон за опстанок и за одбрана од оваа егзистенцијална опасност. Бројот на лицата со ментални болести коишто бараа помош во службите за ментално здравје, во првите два месеци на пандемијата доста се намали, но значително се зголеми последниов месец. Во овој период, многу луѓе се јавуваат за совети на телефонските линии за психолошка поддршка, што укажува на еден позитивен тренд во однос на подобрувањето на знаењата и јавниот став за психичкото здравје или за подготвеноста за решавање на психолошките проблеми со стручно лице. Тоа укажува дека е намалена стигмата за менталните растројства, што сигурно ќе резултира со подобрување на состојбата на менталното здравје, а е во рамки со трендовите посебно во развиените земји.

Видливо е дека сме променети во однос на сите аспекти на нашето функционирање, се редифинира фокусот на живеењето. Актуелно е да се работи на сопственото преиспитување и да се преформулираат приоритетите. Веројатно повеќе го цениме она што е во опасност да се изгуби, како на пример сопственото здравје. Многу луѓе кои ги познавам како да ги врати оваа криза на заборавените вредности на семејството. Зголемен е интересот за готвење, за градинарство, за семејно шетање во природа…

Оваа криза дефинитивно докажа уште еднаш дека човекот е многу адаптибилно суштество и дека целокупниот општествен систем брзо се трансформира под влијание на општа закана.

Кои вредности паднаа, а што од нас излезе на виделина?

– Имам чувство дека пандемијата ја забрза катарзата на кризата на менталното здравје, но се надевам дека тоа ќе резултира со период на позитивна преобразба и развој на позитивен, хуманистички, интелектуален колективен дух и мисла. Не само во овој период на пандемија, туку и за време на целиот период на долгата транзиција има обиди за доминација на силата над разумот. Обмислено се провоцира будење на агресивниот нагон кај одредена подобна популација, која незнаејќи како да се справи со предизвикот на неподносливоста на сопствената индивидуалност, влегува во улогата на Фауст и ја продава својата душа на така наречениот владетел.

Густав ле Бон пишува дека авторитаризмот привлекува вакви поединци во толпи и нивните мислења, идеи и верувања, коишто им се сугерирани ги прифаќаат или ги отфрлаат во целост, без критички осврт. Тоа е суштината и на национализмот и на нацизмот, и на сите авторитатизми кои се присутни во многу држави, или претставуваат значајни движења и во познати демократии. Тоа е приказната и на Палпатин и Империјата во „Војна на ѕвездите“, или на Саурон и Орките во „Господарот на прстените“. И во вакви периоди истите фаустовци слепо веруваат на „силата / владетелот“, а добрината и хуманоста ја сфаќаат повеќе како слабост отколку како општествен императив. Позитивната страна на приказната е дека во историјата, во романите и во филмовите секогаш доброто победува. Да се надеваме дека ќе имаме среќа и оваа криза на менталното здравје да има слична разрешница, дека после овој период на масовна абреакција ќе следува наше социолошко и морално прочистување.

Социјалните мрежи се претворија во единствено место за социјални контакти. Што од нив дознавте? Како улога одиграа тие?

– Социјалните мрежи, и покрај својот огромен успех, го носеа статусот на симбол на деструктивната страна на современиот техннолошки развој. Но, во овој период имаа исклучително позитивна улога во одржувањето на социјалните релации, коишто беа и се’ уште се под голем ризик поради мерките за превенција. Во периодот на карантин, социјалните мрежи одиграа клучна улога во однос на психолошкото справување со социјалната изолираност, осаменост, недостаток од контакти, посебно кај младата популација. Дојде до израз нивниот позитивен апсект, посебно во однос на споделување информации, можности за едукација, за забава и беа одлична алатка за одржување на моралот.

Што со менталното здравје на децата, кои ги напуштија училишните клупи и „живите“ дружењата ги заменија со онлајн игри и ТВ. Кога треба да бидеме загрижени и за нив и како да им помогнеме?

– Посебни критични групи, според манифестираните проблеми во функционирањето изминатиот период би рекол дека се децата, младите и посебно адолесцентите. Физичката дистанца предизвика и социјална дистанца и со тоа особено тешко се справуваат младите. Тоа е разбирливо, имајќи предвид дека изразот и обработката на нагонските пориви карактеристични за нивната возраст, сега се условени од сериозноста на предизвикот што го носи пандемијата. Недостигот од структуриран работен ден и од сите позитивни ефекти на образовниот процес се навистина предизвик, исто како и лимитираноста на можностите за спортски и други социјални активности. Какво ќе биде влијанието на овие процеси врз менталното здравје, првенствено зависи од карактеристиките на младата личност коишто ги задобила во тек на воспитувањето во семејната средина, пред се’, од родителите. Се чини дека поголемиот дел од младите, во првичниот период мошне посветено ги почитуваа препораките, но како што се пролонгираше пандемијата ослабнаа нивните стравови. Тоа можеби доведе до намалување на нивната перцепција за непосредна опасност и до опуштање во однос на спроведувањето на мерките. И секако дека и тоа е разирливо, бидејќи и ограниченоста на нивната физичка и социјална активност може доста негативно да влијае врз нивното здравје. Тие секако треба да бидат приоритет на сите наредни мерки, посебно ако се пролонгира оваа состојба. Потребно е преструктурирање и организирање квалитетна настава, организирање мерки за промоција и превенција на нивното ментално здравје, за нивно „описменување“ и во оваа област и за подобрување на капацитетите на родителите и на наставниците за справување со нивните потреби.

Како да си помогнеме сега и во периодот којшто следи, знаејќи дека ќе продолжи стравувањето за сопственото здравје, за можнотото заразување со Ковид 19 и за неизвесноста за задржување на работното место?

– Henry David Thoreau (Хенри Дејвид Торо) ни дава еден совет – „симплифицирај, симплифицирај“ или „поедностави, поедностави“… Мислам дека доколку сме подготвени да ги прифатиме и наједноставните совети, што речиси секојдневно ни ги повторува и СЗО, ќе успееме да си помогнеме себеси и на блиските. Со почитување на мерките можеме значително да влијаеме на ширењето на заразата, да си посветиме внимание себеси, да одржуваме физичка активност. Почитувањето на наједноставните мерки, коишто постојано ни ги повторуваат и нашите здравствени авторитети и СЗО, како носење маска и одржување дистанца и хигиена, треба да ни станат стил на однесување со цел што побезбедно справување со состојбата. Да дадеме приоритет на одржувањето на квалитетен сон, на исхрана, да одржуваме ритам на секојдневни активности, а пред се, да одржуваме редовни социјални контакти со сите наши блиски. Предвидувањата за возможна економска криза може да предизвикаат страв кај поголемиот дел од населението, но тоа треба да ни биде предупредување за навремени подготовки.

И како што вели еден мој драг пријател, пред сé треба да се дружиме со лицата коишто ни‘ се драги и пријатни за друштво, коишто позитивно влијаат на нашето расположение и на нашето ментално здравје.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *