Ќе го видите смирен во некој пејзаж, легнат во тревата или потпрен на некоја карпа. Како пред првите мугри на минусни температури чека изгрејсонцето да ги фрли првите зраци врз замрзнатиот Дојран, или по најголемите жештини трпеливо седи врз соголени врвови за да го „фати“ падот на сонцето. Тој е од тие тивки, ненаметливи уметници кои малку зборуваат за својата уметност. Георги Кончалиев е дипломиран ликовен уметник, вајар, но ако го замислувате со измачкани раце задлабочен во обликувањето на некоја скулптура, заборавете. Тој е најчесто сокриен зад објективот и бара совршен кадар, момент што ќе го „замрзне“ во фотографија.
Првата „свесна“ фотографија, како што тој ја нарекува, ја направил пред дваесет години, 1998, како матурант во училиштето за применета уметност во Скопје. Тогаш, вели Георги, се фотографираше на филм и грижливо се правеше композицијата, експозицијата и се чекаше моментот.
Растел меѓу пространството на платното и мирисот на боите. Во неуредните но бескрајно шармантните ателјеа. На својот татко, познатиот ликовен уметник Бранко Кончалиев, и на неговите колеги и пријатели. Тоа, вели Георги е нешто што те обележува, ти се помешува со крвта. Нурнувајќи во светот на татко му, мешајќи се во таа друга реалност, уште како дете почнал да го развива тој посебен однос со ликовните елементи. Нашиот соговорник вели дека е најтешко да се балансира помеѓу двата света. Оној на човекот и оној на уметникот. И да се влегува и враќа од еден во друг простор. Тој, вториот, на уметникот, се отвора кога инспирацијата е на дофат, и почнувате да творите, да создавате нов свет. На уметноста.
Многумина мислат дека престанал да слика, но тој негира. Сликам, но не ги продавам своите дела, вели Кончалиев.
-Се роди во мене некој отпор, да и’ ставам цена на својата уметност, и сега сликам за себе. Долго време не чувствувам потреба да го „изнесам“ тој дел од себе пред јавноста и се’ додека некој глас одвнатре не ми шепне поинаку, ќе биде така.
Во фотографијата се смета за „професионален аматер“. Тоа е термин со кој се идентификува, но последната година се почест е потпишан и како коавтор на видеа.
-Видеото е пасија која беше недостижна за мене. Но, последниве години, работата ме зближи со Кире Пиличев, кој е снимател по професија, има искуство со видеото и од заедничката дружба се родија и идеи и проекти кои пред се’ духовно не хранат. Не’ исполнуваат. Технологијата е се’ подостапна, се’ понапредна и таа нуди многу можности, па со радост нурнувам во таа магија.
-Сите медиуми на визуелното ми се драги, а сликарството и вајарството себично ги чувам за себе, се смее Георги, кој последниве две години заедно со Пиличев работи на документарец.
-Тоа е наш проект, документарец што го снимаме, трпеливо го создаваме и затоа не’ гледате на различни локации. Се радувам на моментот кога ќе можеме да го презентираме.
Дојран е често застапен во неговите фотографии. Со него негува посебен однос. Порано како мотив го работел во ликовната уметност. Бројните дружења за време на ликовните колонии му помогнале да го опише и низ фотографиите. И токму сега го открива и од тој друг агол. Поинаква перспектива.
Во Дојран го привлекол богатиот биодиверзитет. Смета дека Македонија е посебна со богатата флора и фауна, пејзажите и мотивите. Еден човечки живот нее доволен, вели Георги, сето тоа да се истражи, документира и да се ужива во него.