Главен таргет на петтиот пакет мерки за чие донесување размислува Владата, како и за претходните четири, ќе бидат најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, изјави денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека за ова по празниците ќе има консултации со сите социјални партнери.
– По празниците следува процес за консултација со синдикатите, коморите, другите социјални партнери, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа, да им се помогне ним. Државата има проектирано средства за оваа намена и за буџетот за 2021 година. Сите ресори имаат свои резервоари за помагање на оние на кои им е најнеопходна помош. Конечната порака што сакам да ја испратам до граѓаните е дека државата преку Владата и Парламентот е тука за да им се најде на сите кои се погодени и да им биде од помош, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во тековните и реализирани проекти во Осогово – Пониква.