Бројката на македонски граѓани кои се наоѓаат во Израел се зголемува и се прават напори да се лоцираат, изјави на 9 октомври премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека се прави сѐ оттаму безбедно да се евакуираат сите македонски граѓани.
Евакуацијата на македонските граѓани од Израле доаѓа по големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, а по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.
Вчера дел од македонските граѓани успеаја да ја напуштат земјата и да пристигнат во Албанија.
Премиерот вели дека во Министерството за надворешни работи има Кризен штаб, а и Кабинетот на премиерот контактира со соседните земји и со партнерите коишто имаат авиокомпании што може да слетуваат на аеродромите во Израел.
Кризниот штаб има задача да следи и да ги координира сите постапки поврзани со македонските државјани на кои им е потребна помош за нивно безбедно евакуирање.
Синоќа со посебен лет од Израел пристигнаа 40 албански, македонски и косовски државјани на аеродромот во Тирана.
Од МНР апелираат до граѓаните на Северна Македонија кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во Амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.