Институтот за јавно здравје во својот неделен извештај за периодот од 21 до 27 декември регистрира тренд на намалување на случаите со Ковид-19. Во споредба со претходниот извештај бројката на нови позитивни случаи се намалила за 26,5%, а бројот на починати од вирусот опаднал за 18,9%.
Во поглед на возрасните групи, најзастапени меѓу заболените биле лица на возраст над 60 (27,0%). По нив следуваат лицата меѓу 30-39 (19,7%), 40-49 (17,5%) и 50-59 (17,7%). Малку помал процент се регистрира помеѓу лицата на возраст од 20-29 години (12,3%), додека најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,5%) и 10-19 години (4,3%).
Од ИЈЗ информираат и дека минатата недела тестирани биле вкупно 13.123 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што претставува намалување од 15,9% во однос на минатата недела. Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 25,7% , намалување од 3,6% во однос на минатата недела.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.500 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е незачително помалку во споредба со минатата недела.
Меѓу смртните случаи, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 21 до 27.12.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје