Вкупно 43 илјади ваучери за туризам се искористени заклучно до денес од 110 илјади изработени. Министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен од реализацијата на мерката и од дадените ефекти бидејќи во време на криза, има пораст на бројот на домашни туристи.
– Согласно нашите анализи, ваучерите го дадоа ефектот за да им помогнеме на хотелските капацитети, вклучувајќи ги тука и приватните сместувачки капацитети. Тоа го покажува и извештајот на Државниот завид за статистика кој покажа дека во август имаме зголемување на бројот на домашни туристи за 8,9 проценти споредено со 2019 година, а зголемување на бројот на домашни туристи имаме и во септември за 33,7 проценти. Значи, во време на криза, имаме зголемување на бројот на домашни туристи. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи и во октомври, ноември и во декември, истакна Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.