Иран денес лансираше две балистички ракети на кои било напишано „Израел мора целосно да биде уништен“, јави иранската агенција Фарс. Ракетите се испукани во момент кога американскиот потпретседател Џозеф Бајден престојува во посета на Израел во рамки на својата турнеја по Блискиот Исток, пренесува Њујорк пост.
Револуционерната гарда ги лансирала ракети од северен Иран на цели оддалечени околу 1.400 километри на југоистокот на земјата, се вели во извештајот на иранската агенција.
Командантот на Револуционерната гарда Амир Али Хаџизадех изјави дека целта на ракетниот тест е да му се покаже на Израел дека Иран може да го гаѓа.
„Причината зошто ги направивме нашите ракети со дострел од 2.000 километри е за да може, од безбедна далечина, да ги погодат нашите непријатели од ционистичкиот режим“, изјави бригадниот генерал Хаџизадех.
Тој се закани дека „колку што непријателите ќе ги засилуваат санкциите, толку ќе биде пожесток нашиот одговор“.
Техеран и вчера соопшти дека иранските оружени сили извеле нови тестирања на балистички ракети за да ја демонстрираат „застрашувачката моќ“ и „спремноста на земјата да ги употреби сите расположиви средства во соочувањето со заканите“ насочени кон територијалниот интегритет на Иран.
Вашингтон во јануари воведе нови санкции против Иран поради неговата ракетна програма набрзо откако на Техеран му беа укинати санкциите кои беа поврзани со иранската нуклеарна програма.