• Tue. Nov 26th, 2024

Информативна дебата за рудникот Иловица-Штука

ByDimitar Micev

Dec 17, 2018

Одговорното рударство е цврста и безбедна основа за остварување економски раст, аргументираа професорите Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички студии при универзитетот “Гоце Делчев”, Штип, и Љупчо Петковски од Градежниот факултет при универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје, на вчерашната средба со населението од општините Босилово, Ново Село и Струмица во организација на Еуромакс Ресоурцес, концесионер на проектот за рудник за бакар Иловица – Штука, се вели во соопштението за јавност.

Еуромакс Ресоруцес, и овој месец организира јавни дебати за жителите од општините за да ги запознае со сите мерки за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука, како и со економскиот развој што ќе го донесе проектот. Преку повеќе примери на рудници кои работат во светот беше илустрирана успешната коегзистенција на рударството со земјоделството.

 

„На средбата беа присутни речиси 500 жители од општините, што е двојно поголем интерес во однос на претходната средба, вклучувајќи и претставници од невладиниот сектор. Жителите сакаа да дознаат што е можно повеќе за проектот, а активистите имаа можност да дебатираат со професорите околу мерките за заштита на здравјето на населението, на животната средина и се разбира, одржување на земјоделството во регионот. Ова се работи на кои ние сме силно фокусирани уште од почетокот на проектирањето. Со вакви средби сакаме да објасниме дека и самиот концепт на модерен рудник значи одговорен рудник во кој се превземени мерки за заштита на животната средина и заедницата. Населението многу е заинтересирано и за можностите за вработување, насочено школување на младите за рударство, кога рудникот ќе почне да работи, како и кои се можностите за обука и едукација за високо квалификувани позиции. Едноставно, како рудникот ќе влијае на нивното секојдневие“, вели Варшан Гокул, извршен директор на Еуромакс Ресоурцес.

Проектот за најголемата гринфилд инвестиција во Македонија од осамостојувањето, според професорот Голомеов предвидува обработка на рудата со наједноставен физички процес, флотација, безбеден за животната средина. Тој потенцираше дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат. Според професорот и земјоделството и рударството се гранки од стратегиска важност за економскиот развој на Македонија и нема реална причина да не коегзистираат заедно доколку се базираат на наука и на принципи на одговорно рударство.

 

„Со само 0,2 отсто реален раст на БДП во Македонија во 2017, овие две гранки на економијата се значајни и ниту една не смее да биде отфрлена. Земјоделството ангажира околу 120.000 лица со просечна нето месечна заработка од 290 евра. Рударството вработува околу 6.500 луѓе со просечна нето месечна плата од 486 евра или 68% повеќе од земјоделството. За директниот ефект по вработен во БДП, земјоделството придонесува со околу 6.600 евра годишно по земјоделец а рударството околу 23.100 евра по човек. Во однос на индиректните економски ефекти, номиналните вредности се многу блиски, односно земјоделството создава 633 милиони евра дополнително, а рударството 609 милиони. Сепак, како коефициент, рударството има далеку повисок импакт врз економијата бидејќи секое 1 евро активност генерира вкупно 5 евра, во споредба со само 1.8 евра во земјоделството. Ако 10.000 луѓе имаат шанса да се префрлат од земјоделство во гранка со повисока додадена вредност како рударството, тогаш нивниот животен стандард, односно месечните примања ќе се зголемат за 68 отсто, би се зголемил и БДП за 166 милиони евра или за 1,7 проценти“, рече професорот Голомеов.

 

Професорот Петковски ги објасни карактеристиките на камено насипната брана, и примената на гео-текстилната мембрана што ќе се користи во хидројаловиштето како и стабилноста на насипот.

 

Браната е камено насипна. Според конструкцијата е една од најстабилните затоа што јаловината се држи надвор од телото на браната и нема контакт со материјалот во потпорното тело. Кога ќе се исполнува таложното езеро, тогаш тоа ќе дејствува како товар што ја стабилизира браната. Ако бараниот коефициент на браните е 1,5, додека кај “Иловица-Штука” е до 5. Таа ќе биде постабилна од водните брани. Јаловишниот материјал со време ќе се зацврстува, а со тоа ќе се зголемува и стабилноста. Во однос на геосинтетичката мембрана, која е вештачки материјал, направени се анализи околу нејзината издржливост и кај камено насипните материјали кога мембраната е покриена и нема допир со ултравиолетовото зрачење, се покажало дека трајноста е над 900 години. Дотогаш хидројаловиштето ќе биде рекултивирано. Од секој аспект, ова е сигурен објект“, потенцираше професорот Петковски.

 

Проект Иловица – Штука е изработен од домашни, меѓународни експерти и професори и е во целосна согласност со македонските закони, најдобрите практики, како светските и ЕУ стандарди за областа. Од Еуромакс објаснија и дека ќе нема загадување на животната средина и ниту влијанија врз земјоделството, ќе се контролираат сите параметри како прашината патиштата, квалитетот на водата, воздухот, почва, бучава итн.

 

Иловица – Штука ќе биде модерен рудник на можности со вкупната инвестиција од околу 340 милиони евра. Притоа, инвеститорот во наредните 20 години локално ќе  троши околу 74 милиони евра годишно, додека за даноци годишно ќе се двојат по 24 милиони евра. Од нив 3 милиони евра ќе се влеваат во локалните општини по основ на концесиски надомест. Со тоа, годишниот буџет на општините, расположлив за инвестиции во инфраструктурата и во развој на општината, ќе се зголеми за 40% во однос на постојниот. Инвеститорот најави дека ќе обезбеди 1.000 директни вработувања за време на изградбата, а потоа 500 директни вработувања за време на работење на рудникот со приоритет за локалното население. Преку сорботката со локалните бизниси, рудникот ќе овозможи и околу 2.700 индиректни вработувања.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *