Од 4 до 8 август, во Амфитеатарот во Струмица, ќе се одржи 18-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест”, во знакот на новите тенденции во кусометражниот, документарниот и авторскиот филм.
На 5 август ќе биде прикажан краткометражниот филм „Лука“ на режисерот Ице Виранов, во продукција на Здружението за култура – Транзен. За да го приближиме овој филм кон публиката, претпремиерно разговараме токму со режисерот Виранов.
ТВ КАНАЛ ВИС: Кој беше мотивот да се создаде „Лука“ и зошто токму во документарна форма?
ИЦЕ ВИРАНОВ: Филмот Лука сведочи за музиката, младоста и љубовта. Мене ме мотивира секој авторски предизвик, документарецот со својата неизвесност.
ТВ КАНАЛ ВИС: Како течеше снимањето, кажи ни нешто повеќе за самиот процес и со какви предизвици се соочивте?
ИЦЕ ВИРАНОВ: Како и во секој процес на работа потешкотиите се дел од него. Во документарната форма ликовите си го носат амбиентот со себе така што многу инспирации и решенија се определени баш од такви моменти. Предизвик на режисерот е да направи баланс и да ги процени капацитетите на тимот со што ќе ги определи вистинските приоритети за сопствената визија.
ТВ КАНАЛ ВИС: На кои локации се снимаше филмот и во каква жанровска рамка би можеле да го вметнеме?
ИЦЕ ВИРАНОВ: Филмот се снимаше во Струмица и Штип. Јас сум задоволен од целокупниот процес. Жанровски овој филм можеме слободно да го подредиме во музички документарец, но тој носи една универзална порака која не трпи врамување.
ТВ КАНАЛ ВИС: Како режисер имате ли конкретна порака што сакавте да им ја пренесете на гледачите или сепак тоа го оставате на публиката?
ИЦЕ ВИРАНОВ: Пораката на филмот секој ќе си ја протолкува, да се остане верен на сопствените принципи секако е клучен фактор во големината на протагонистите. Копајќи во урнатините на модерната психа, на сите нејзините добри и лоши страни, комбинирани по невозможен редослед во еден мозаик, во една музика на неверојатното. Тие дефинитивно испраќаат порака на една нова надеж.