• Sat. Nov 23rd, 2024

Инспекции на Агенцијата за храна со контроли во Дојран – констатирале недоволна хигиена, неследење на процесурите по Хасап, а уништена е и небезбедна храна

Кај половина од објектите каде што е вршена контрола во туристичките центри Дојран, Охрид и Струга, се констатирани низа неправилности и неследење на процесурите за заштита на храната во летниот период.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 5 до 11 јули, спровеле вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна во туристичките центри Дојран, Охрид и Струга. Целта на контролите спроведени во хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе баровите, маркетите и други објекти, било спречување на појава на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури и зголемената фреквенција на потрошувачи во ек на туристичката сезона.

Во трите туристички центри спроведени се вкупно 128 контроли при што кај 61 оператор со храна се констатирани неусогласености кои се однесуваат на недоволна хигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените, неуредно и нередовно водење на записите согласно пропишаните процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса и HACCP. Како небезбедни поништени се приближно 218 килограми храна, најголем дел месо и подготовки од месо и јајца.

За отстранување на констатираните недоследности, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство донеле 20 решенија и една забрана, изречени се и 50 инспекциски мерки едукација на операторите и 6 парични казни.

Покрај засилените контроли во туристичките центри, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува зајакнати контроли и во малопродажните објекти во сите населени места, како и во местата каде се одржуваат манифестации на отворено и каде се подготвува и послужува храна.

Од почетокот на годинава заклучно со мај, инспекциските служби на АХВ спроведоа вкупно 28.926 контроли во внатрешниот промет и 33.198 контроли на пратки од увоз. Како небезбедни, во овој временски период уништени се 137 тони храна, најголемиот дел од животинско потекло.

Пред најавеното зголемување на температурите, од АХВ апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање на безбедна храна во услови на високи температури кога и ризикот од нејзино расипување е поголем. Храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат на означувањето на производите, на тоа каде и како истите се чуваат. Агенцијата потенцира особено да се внимава на хигиената и во домаќинствата при подготовка на храната, нејзиното чување на соодветна температура, одвојувањето на сировото од зготвеното, како и користењето на исправна вода и свежи намирници за подготовка на храната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *