Иницијатива 50% родова еднаквост: Жените знаат и умеат да креираат политики за подобра држава
Регионална соработка на жените од политиката за поголема застапеност на национално и локално ниво е заклучокот на 20 жени кои учествуваа на конференцијата „Иницијатива 50% родова еднаквост “ кој се одржа викендов во Охрид, во организација на Либералниот Институт Скопје и Фондација Борис Дивковиќ од Босна и Херцеговина.
– Оваа конференција ја организираме за прв пат во нашата земја се со цел да покажеме дека во регионот може да соработуваме и да ги негуваме либералните вредности. Жените треба максимално да се поддржуваат една со друга, а мажите треба да ги охрабрат, треба да негуваме квалитет пред квантитет, истакна Санда Крекиќ, извршна директорка на Либерален Институт Скопје.
Според Моника Зајкова, пратеничка и потпретседателка на ЛДП, родовата еднaквост е тема на која треба постојано гласно да се говори.
-Како жени во политиката од Регионот освен што треба да креираме и поднесуваме иницијативи, треба и заедно на терен да работиме на нивна целосна имплементација. Родовата еднaквост е тема на која треба постојано да потсетуваме и гласно да говориме. Очекувам поголема вклученост на жените во креирање на локалните политики. Жените овде знаат и умеат да креираат политики за подобра држава, изјави Зајкова.
Билјана Аврамоска Ѓореска претседателка на Форум на жени при ЛДП појасни дека главната задача на Форумот е да ги мотивира жените проактивно да се вклучат во политиката и да се изградат како зрели политички индивидуи.