• Sat. Nov 23rd, 2024

Излезе од печат публикацијата „Цареви Кули Струмица – од праисторијата до Римско Царство на Зоран Рујак

Еднодецениските истражувања на локалитетот Цареви Кули- Струмица дадоа непроценливи податоци кои се однесуваат на обидите на нашите предци низ вековите да го потчинат и приспособат овој простор во склад со своите потреби. Почнувајќи од времето кога на сцената се појавуваат првите праисториски жители на Цареви Кули, па се до крајот на Втората светска војна, овој локалитет имал важна стратешка позиција која била ползувана на различни начини.

И покрај тоа што иницијалните истражувања се однесуваа на неговата средновековна природа, локалитетот Цареви Кули- Струмица се покажа многу покомплексен, односно составен од различни содржини создавни низ период кој се протега на безмалку седум милниуми.

Монографијата е напишана во научно-популарен стил и нуди мноштво нови и поттикнувачи сознанија за материјалната и духовната култура во различни временски епохи. Таа претставува сведоштво за градот Струмица и обид да се расветли нејзиното богато културно – историско минато. Првата книга, Цареви Кули-Струмица, со поднаслов (Од праисторијата до Римското Царство), ги обработува најстарите хоризонти на населувањето на локалитетот Цареви Кули.

Почнувајќи од првата населба која изникнала во времето на халколитот (4850-4550 год.пр.н.е), преку населбата од бронзеното (2100-1550 год.пр.н.е) и железното време (1100-1000 год.пр.н.е), па се до слоевите од раната антика и хеленистичкиот период (од 4 век пр.н.е до 1 век пр.н.е). Во книгата се прикажани градежните активности, остатоците на архитектура и богатата материјална и духовна култура која произлезе од истражувањата на овие епохи.

Автор на монографијата е м-р Зоран Рујак, археолог, долгогодишен истражувач на овој локалитет, а издавач е НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Струмица.

Публикувањето на монографијата е поддржано од страна на Министрството за култура. Монографијата е со тврд повез, во А4 формат. На нешто повеќе од 300 страници се прикажани резултатите од еднодецениските истражувања, почнувајќи од 2004 до 2014 година. Монографијата е напишана на македонски и англиски јазик и богато е илустрирана со над 550 колор фотографии, цртежи, и планови, а на крајот се наоѓа и каталог каде се прикажани највпечатливите наоди. Графичката подготовка е направена во ЕПП Студио, а во Фокус принт-Скопје се испечатени 300 примероци.

Во тек е подготовка и на втората книга Цареви Кули-Струмица (Од Римското Царство до доцен среден век) во која ќе бидат обработени материјалните остатоци и духовната култура на локалитетот, почнувајќи од I век, па се до XX век.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *