Таков ужас досега не сум видел, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Рашков. Точниот број на жртвите ќе се утврди по идентификацијата. Македонскиот премиер Заев отпатува во Бугарија.
Според податоци што македонските власти ги добиле од надлежни институции во Бугарија, автобусот, припаѓал на автобускиот превозник „Беса транс“. Според неофицијални информации, во него имало и македонски и албански државјани.
Според Бгнес, меѓу загинатите имало 12 малолетници, меѓу кои и две близначиња. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале 7 лица – 2 жени и 5 мажи, чија здравстена состојба се смета за стабилна и се сместени во болницата „Пирогов“.
Според неофицијални информации, патниците се враќале од Истанбул. Автобусот синоќа по 21 часот влегол во Бугарија преку граничниот премин Капитан Андреево, (на бугарско-турската граница), а сообраќајна незгода се случила утрово околу 3 часот на магистралата „Струма“ во насока Софија – Благоевград.