Бугарија одби да испрати оружје во Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Софија по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.
- „Денеска разговарав со претседателот, тој ја претстави својата идеја за помош во одбраната на Украина. Ние имаме поинаков поглед на работите. Се водиме од сосема друга филозофија“, рече Зеленски и објасни дека за него испраќањето оружје е заштита, додека за бугарскиот претседател тоа предизвикува дополнителна ескалацијата на конфликтот во Украина.
Бугарскиот претседател на средбата со украинскиот претседател изразил надеж дека наскоро ќе дојде мир. Според него, сегашниот конфликт добива сосема други размери.
- „Конфликтот се претвора во војна на трошење, во глобален економски конфликт, кој влијае на економијата не само на Украина, туку и на сите европски земји и ја зајакнува социјалната тензија. Сè уште тврдам дека овој конфликт нема воено решение“, рече тој, додавајќи дека е важно да се посвети внимание и на напорите насочени кон смирување на конфликтот, за прекин на огнот и за барање мирно, дипломатско решение, рече Радев.
Збунетиот бугарски претседател изненаден од огорченоста на Зеленски, побара од камерите да ја напуштат просторијата во претседателската палата каде се снимаше средбата.
Украинската делегација седеше со скаменети лица, повремено правејќи гримаси и белешки, пренесува Политико.