• Sat. Nov 23rd, 2024

Здрава котлина – Нема да дозволиме отварање на рудникот Иловица оти се прекршени законите

До:

Медиумите во Република Македонија

ИЗВЕСТУВАЊЕ

Почитувани,

Имаме потреба да се обратиме до граѓаните на Република Македонија со цел да ги објасниме причините за реактивација на протестите во Југоисточна Македонија. Со одземање на концесијата на концесионерот на рудникот во Казандол, извојувавме една значајна битка за здрава и економски одржлива средина во Југоистокот. Но војната не е завршена, затоа што рудникот што се планира во Иловица-Штука претставува убедливо најголем рудник во југоисточна Европа и има застрашувачки разорен потенцијал за регионално труење, не само во Македонија, туку ги загрозува Бугарија и Грција. Доколку не превземеме одлучна акција за запирање на овој змеј, ќе се соочиме со огромен ризик да го уништиме стратешкиот регион од кој нашата држава се храни –

Затоа, решивме да излеземе на протест како знак на почеток на интензивни масовни активности насочени кон сите релевантни актери кои имаат влијание, со цел конечно да победи правдата и разумот наспроти безумноста и профитот на неколкумина. Сакаме да знаете дека ние на протестот гледаме како гласна и легитимна форма на изразување крајно незадоволство од развојот на настаните со потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Ова е крик на обичниот граѓанин наспроти корпоративната машинерија која признава единствено профит, без оглед на последиците и опасностите кои произлегуваат од работата на овој рудник,

Имено, повеќе од една година активно комуницираме за овој проблем и укажуваме на огромните ризици и смртоносните далекусежни последици од отворањето на ваков рудник во Струмичко, се појавуваме на јавни дебати со аргументи, јавно ги прозиваме надлежните институции во врска со криминалното доделување на концесија како и понатамошното толерирање на концесионерот во директно прекршување на законот за минерални суровини, постојано го повикуваме концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ да се појави на барем една јавна дебата и пред камери да им ги објасни на граѓаните крупните пропусти, грешки и манипулации напишани во сопствените студии, но и да даде одговор за кршењето на законите, оправдување за ризиците и прифатливи решенија за комплексните последици кои би настанале со изградбата и функционирањето на рудникот.

Сепак на крај, сето ова нема вистински ефект и се’ се сведува на чекање реакција од институциите, додека во меѓувреме од страната на концесионерот се соочуваме со молк, игнорирање, непристојни поединечни понуди на нашите активисти за тајни состаноци и координирање на заеднички активности, лобирања по институциите, притисоци врз Владата од големи меѓународни играчи, подземни кампањи во соработка со одредени функционери на двете најголеми политички партии, мек притисок врз локалното население и генерално замајување на јавноста со платени ПР текстови во соработка со одредени медиуми.

Како што времето поминува се појавува загриженост дека сето тоа проаѓа на мала врата и се создаваат услови за забошотување и амнестија на концесионерот со правни акробации и изигрување на законот со што понатаму би се овозможило и извлекување на концесионерот од спротивната страна на законот, во која моментално се наоѓа по сопствена вина. Ова е посебно изразено кога се слушаат гласини за приватните посети на генералниот секретар на Владата во селата до концесискиот простор и наводните сегашни и поранешни негови активности поврзани со посредување при купо-продажба на катастарските парцели во рамките на концесискиот простор.

Од друга страна го имаме јавното ветување на премиерот, дадено повеќе пати во рамките на кампањата за локалните избори, но и после тоа во медиумите, дека нема да дозволи рудници во Југоисточниот регион на Република Македонија, каде населението доминантно се занимава со земјоделство, чие производство е изразено во вкупниот ГДП на второ место веднаш по Скопскиот регион. Имавме повеќе средби со премиерот Заев, каде директно комунициравме за сите работи околу рудникот и тој е свесен за ситуацијата во која се наоѓа концесионерот, правните, еколошките, техничките, економските, социјалните и моралните аргументи поврзани со ризиците и опасностите што проектот Иловица ги носи со себе. Искрено се надеваме дека за доброто на сите, ќе си достои на зборот и ќе го реши прашањето со рудниците во Југоистокот.

Ние со овој протест сакаме да упатиме порака до сите оние што заговараат отворање на рудникот Иловица-Штука дека ќе се соочат со силен и жесток отпор од локалното население кое нема да дозволи рудник од отворен коп над нивните глави. Нека знаат сите релевантни институции, меѓународни инвеститори, но и концесионерот дека повеќе од 90% од локалното население е против изградба на рудникот Иловица-Штука и експерименталната највисока брана во светот за складирање на отровна јаловина! Уште повеќе затоа што се фатени со ’спуштени гаќи’ и постојат докази за криминални дејства за кои во подготовка се кривични пријави. Нека не си играат со нашето трпение, зашто се целосно прочитани и што побрзо нека си заминат од овој питом крај што сакаат да го направат пустелија. Воедно, овој протест е и во насока на поддршка на премиерот да постапи по законите кои треба да се еднакви за сите доколку сакаме правна држава и светла иднина. Сметаме дека две години се сосема доволно време кое државата ги толерираше каприците на манипулативниот концесионер, кој не успеал да ги запази законските прописи.

Еуромакс ресорсис“ уште пред добивањето на првата концесија за експлоатација во 2011 достави скандалозна студија за влијание врз животна средина и за која побара да не се објавува во целост на јавноста. Никаде не постојат записи за одржани јавни расправи за таа студија, ниту кој се’ бил присутен. А самата студија содржеше текстови во кои отворено кажуваат дека нема податоци и дека стручните работи се пишувани врз база на претпоставки. Така не се гради експериментална брана од 276 метри(!), а ниту заслужува да добие доверба за било какви сериозни проекти што досега никогаш не биле изведени на друго место ве светот. Новите студии од 2016 година се далеку подобри, но сепак и таму се наоѓаат нецелосни податоци и податоци земени од други места наместо од самиот терен каде ќе се гради. Целосно се игнорирани клучни податоци за локалните услови и околности во поглед на природни ризици како и користење на намерно заменети тези, кои би имале огромен финансиски удар врз локалните општини во годините по затварањето на рудникот.

Постојат огромен број сериозни недоследности и пропусти од правен, еколошки, технички, економски, социјален и морален аспект кои укажуваат на бескрупулозна масовна манипулација и неодговорен хазард со животите и имотот на сите кои би живееле во радиус од 20 километри од рудникот.

Трагикомична е ситуацијата во која концесионерот бара и се надева на некакво разбирање од државата при кршењето на законите и истовремено кривицата за тоа неоправдано ја бара во самата држава. Ќе наведеме само еден пример од многуте каде може да се види вистинското лице на Еуромакс.

Имено, според член 54 став (1) од Законот за минерални суровини, изречно е наведено дека секој концесионер на метални минерални суровини има законска обврска, во максимален рок од 4 години сметано од денот на потпишување договорот за концесија, да поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација. Понатаму според член 55 став (2), од истиот закон, се дадени неопходните документи кои се приложуваат со барањето за издавање на дозвола за експлоатација и кои претставуваат клучна целина, чие целосно задоволување значи комплетна документација за валидно барање и единствено за таквите барања државата, според член 55 став (4) е обврзана во рок од 30 дена да издаде дозвола за експлоатација. Спротивно од тоа доколку барањето за издавање дозвола не е поднесен во законскиот рок од 4 години пропишан во член 54 став (1) или доколку барањето за издавање дозвола не ги содржи бараните документи од член 55 став (2) (некомплетна документација) тогаш, според член 56 став (1) и став (2) од истиот закон, барањето ќе биде одбиено со решение на надлежниот државен орган. Доколку е незадоволен од ваквото решение, концесионерот во рок од 15 дена има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Понатаму според член 51 став (1) алинеја (7) императивно е наведено дека Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија, доколку концесионерот не поднесе барање за издавање на дозвола за експлоатација во рокот од членот 54 став (1) од овој закон.

Во конкретниот случај на концесионерот Еуромакс Ресурси има добиено две концесии за експлоатација. Договорот за првата концесија за експлоатација склучен на 24 Јули 2012 година со архивски број 24-6749/1. Понатаму има уште три анекси на овој договор но сите анекси не ги третираат законските рокови односно сите анекси се повикуваат на овој договор и правата и обврските што произлегуваат од него. Во член 9 од овој договор е наведено дека концесионерот ќе може да започне со работа откако ќе добие дозвола за експлоатација на начин и под услови утврдени по закон. Понатаму во член 18 став (9) изречно се наведени битни повреди врз основа на кои Владата има право еднострано да го раскине договорот за концесија. Во алинеја (6) од истиот член и став стои дека Владата ќе го раскине договорот доколку концесионерот не обезбеди дозвола за експлоатација во рок од 2 години сметано од денот на потпишување на овој договор.

Конечно, од сето ова произлегува дека според договорот „Еуромакс рисорсис“ требало најкасно до 24 Јули 2014 година, да обезбеди дозвола за експлоатација. Но до тој датум Еуромакс нема поднесено барање за доделување дозвола за експлоатација. На 22 Јули 2016 година Еуромакс поднесува нецелосно барање за доделување дозвола за експлоатација. Во прилог на доставеното барање за доделување дозвола за експлоатација ситуацијата со клучните документи кои законот ги бара е следна:

  • доказ за решени имотноправни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатација на минерални суровини (нема)
  • геодетски елаборат за посебни намени со катастарски индикации (има)
  • главен рударски проект за експлоатација на минералните суровини кои се предмет на концесијата заедно со ревизија (стручна) оцена на истиот (нема)
  • решение за одобрување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина (нема)
  • план за управување со отпад (нема)
  • сообраќајна согласност за приклучок за јавен пат (нема)
  • дозвола за користење на вода и/или дозвола за испуштање на вода (нема)

Интересно е тоа што ден денес се уште немаат 5 точки од наведените погоре. Еуромакс како изговор сега пишува соопштенија со тезата дека поради техничката влада не можеле да ги средат документите. Но тоа е несериозно, скандалозно и невистинито оправдување, поради фактот што техничката влада стапи на 03 септември 2016 година, односно месец и половина по крајниот законски датум 22 јули 2016 година, за доставување на барање за доделување дозвола за експлоатација. Што значи дека сепак на крај свесно поднеле барање, иако тоа не ги содржело бараните документи од член 55 став (2) од Законот за минерални суровини. На крај произлегува дека концесионерот не го почитувал договорот, не го почитувал законот и ги обвинува државните институции со лажни факти. Во едниот случај државата го чека 4 години, а во другиот случај го чека 2 години по истекот на законските рокови и сега пак државата е виновна??!

Зарем во 2016 не постоеја фирми во Македонија кои плаќаа даноци и ги почитуваа законите? Нели законот е закон за сите? Или можеби законите важат селективно за само за некои? Вистинската причина за нивното каснење и кршењето на законот се неорганизираноста и недостатокот на пари инаку немаше да каснат по 4 месеци со платите на вработените и на крај сите да ги отпуштат. Какви буџети, какви планови, какви стандарди? Па тие самите не си ги почитуваат работите во кои се колнат.

Затоа, ќе одиме до крај во разобличувањето на „Еуромакс рисорсис“ на секое поле и во секое време. Тие добро знаат зошто не сакаат да се соочат на јавна дебата пред камери но еве повторно ги повикуваме да се одважат и да се појават на јавна дискусија без ограничувања на само една тема – рудникот Иловица Штука. Во меѓувреме ние ќе продолжиме да ги преземаме сите демократски форми на протест и не се исклучени блокади на патишта и гранични премини во целиот Југоисток. Продолжуваме да бидеме отворени и конструктивни во соработката со институциите и им ја нудиме нашата помош во доставување и чешлање на обемната документација. Исто така, се подготвуваат кривични пријави кои нема да бидат воопшто пријатни за сите инволвирани за кои има индиција дека се огрешиле пред законот.

По ниедна цена нема да дозволиме рудник над Иловица и Штука. Се гледаме на протестите!

Со почит,

Здрава Котлина

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *