На денешната седница, Владата на РСМ го усвои Националниот Оперативен Бродбенд План за пристап до побрзи и подобри интернет услуги согласно стандардите на ЕУ. Имајќи ги предвид овие ЕУ критериуми, како и идните најавени инвестиции на операторите во следните три години, националните бродбенд таргети за Република Северна Македонија утврдуваат дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата, ќе мора да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
Во Националниот Оперативен Бродбенд План е испланирано дека до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и дека до крајот на 2029 година, секој граѓанин на нашата земја ќе има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
До крајот на 2029 година најмалку 50% од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, сите домаќинства ќе имаат можност за пристап до мрежа која овозможува брзина за download од најмалку 100 Mbps со можност за надградба на гигабитна брзина по прифатливи цени и дека сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), ќе имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1Gbps.