• Fri. Nov 22nd, 2024

Заев: Американската компанија „TEXAN & Envipco“ ќе инвестира и во Северна Македонија

Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи одржаа средба со претседателот на грчко-американската комора АмЧам, Николаос Бакацелос и со претставници на компании членки на комората.

На средбата на премиерот Заев му беше соопштена донесената одлука на компанијата „TEXAN & Envipco“ за отворање на фабрика во Северна Македонија за рециклирање на пластика. Оваа американска компанија веќе 10 години работи во Грција со најсовремена технологија за рециклирање.  

Компаниите изразија интерес за заеднички вложувања и за инвестиции во енергетиката, обновливите извори како и во циркуларна економија во насока на спроведување на Зелената агенда, како и во агро секторот.

Премиерот Заев истакна дека Северна Македонија посветено работи на унапредување на економската регионална соработка, за што говорат и податоците за солидната трговска размена со земјите од регионот како и заедничките проекти во полето на енергетиката.

Премиерот Заев и вицепремиерот Битиќи ги поканија компаниите во земјата, да дојдат да ги искористат можностите за инвестирање, како и за заеднички вложувања со националните компании.

На состанокот се дискутираше и за придобивките од влезот на Северна Македонија во НАТО што за инвеститорите е јасен и позитивен сигнал бидејќи ја зголемува предвидливоста и сигурноста на деловниот амбиент за нови инвестициски вложувања.

Презентирајќи ги можностите за инвестиции премиерот Заев додаде дека позитивните исчекори што Северна Македонија ги прави за придвижување на интеграциските процеси на земјата се уште еден силен импулс за отворање на економските перспективи, а еден од начините за остварување на таа цел е токму зголемувањето на регионалната соработка.

Претседателот на грчката АмЧам, Бакацелос искажа отворена благодарност што Северна Македонија е отворена за инвестиции и водење бизнис.

На средбата беа истакнати позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите како резултат на позитивните движења во економијата, раст на извоз, индустриско производство, внатрешниот промет како и раст на просечната плата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *