Во Ума, беше презентирана успешно реализираната иницијатива на Здружението на Власи „Мегленија“, во рамките на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, чиј имплементатор е Мрежата за рурален развој, а партнер Локалната акциска група „Бојмија“.
Станува збор за уредувањето на влезната улица со калдрма, од црквата на влезот во Ума до центарот на селото, во должина од 185 метри, како и поставувањето специјализирани станици- боксови за првична селекција на отпад, на самиот влез во селото.
На настанот присуствуваа: заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер; претседателот на Мрежата за рурален развој и директот на Програмата за развој на заедницата, Петар Ѓоргиевски; претставници на УСАИД; градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов и Ристо Атанасовски од ЛАГ „Бојмија“, како и претставници на граѓанскиот и приватниот сектор од општина Гевгелија кои ја покажаа својата општествена одговорност и помогнаа во успешното реализирање на проектната иницијатива
.- Охрабрени сме од вашите напори и горди сме што соработуваме со заедници како вашата кои преземаат акција за да одговорат на потребите на заедницата со свои решенија и ресурси. Како Амбасада на САД, сме горди на вас и секогаш ќе стоиме зад некоја наредна иницијатива која ќе ја покажете, порача заменик-амбасадорот на САД во Скопје, Ерик Мејер, во своето обраќање пред присутните.
Петар Георгиевски, претседателот на Мрежата за рурален развој, во своето обраќање искажа задоволство од овој проект, кој докажува дека државата, локалната самоуправа и руралните средини треба заеднички да работат, со идеи и проекти за развој на руралните заедници
.- Овој проект е показател дека Општината ги слуша потребите на своите граѓани и ги поддржува нивните иницијативи и проекти. Покрај оваа иницијатива, заедно со УСАИД, Општина Гевгелија има уште еден проект за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, во чии рамки се работи новата Стратегија за економски развој на Општина Гевгелија. Развојот на туризмот и туристичката инфраструктура зазема посебен дел од оваа стратегија. Им честитам на граѓаните на Ума за исчистената депонија, кои се грижат за својата животна средина, а ние, заедно со ЈПКД „Комуналец“, ќе се погрижиме отпадот од ова населено место навремено да се собира, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во врска со успешно спроведената иницијатива.
Претставникот на Локалната акциска група „Бојмија“ и „ФЛОРИТ“ од Гевгелија, Ристо Атанасовски, во своето обраќање искажа задоволство што се дел од овој проект, во кој се вклучени населението на Ума, Здружението „Меглемија“, кое ја покрена оваа иницијатива и ЛАГ „Бојмија“ која ги спои потребите на локалното население со финансиската поддршка од УСАИД. – Ова нека биде пример за наредните генерации како да се решаваат локалните проблеми, порача Атанасов.На крајот, на овој свечен настан, настапија играорците од ансамблот „Бојмија“, кои пред почесните гости се претставија со влашки игри.+8