Заврши и второто пријавување од јунскиот уписен рок за запишување ученици во прва година во учебната 2016/2017 година. Според добиените информации од струмичките средни училишта, засега нема големи промени во бројот на учениците кои се запишаа во првото пријавување.
Во гимназијата „Јане Сандански“ која е со капацитет од 374 ученика, во првото пријавување беа запишани само 126, а денес се запишаа помалку од 10-тина ученика. Слична е ситуацијата и со другите средни училишта, каде денес се запишаа мал број ученици. Засега вкупно во сите средни училишта во Струмица, запишани се околу 390 ученика, а останаа повеќе од 850 слободни места.
Точните резултати од запишувањето и слободните места од второто пријавување во јунскиот испитен рок ќе бидат објавени на 6 јули. Точната бројка на идните средношколци кои ќе се школуваат учебната 2016/2017 година ќе се знае после 24 август, кога ќе биде пријавувањето и запишувањето на ученици во вториот уписен рок. Училиштата кои во двата уписни рока нема да ги пополнат местата утврдени со Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука ќе продолжат со запишување ученици до 31 август.