Екологијата мора да стане дел од формалниот образовен систем. Природата треба да се доближи до младите од најмлада возраст за да можат правилно да ја разберат, засакаат и да работат на нејзино зачувување. Едукацијата и позитивниот пример од повозрасните, семејството или активистите се клучни младите луѓе да ги забележат сите аномалии во општеството и околината за да можат да работат на нивно надминување.
Ова се дел од пораките од завршната конференција „Здружено за поздрава животна средина“ што ја организираа Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво. Млади од повеќе училишта од различни градови низ земјава на настанот споделија искуства како со своите волонтерски акции придонеле за менување на свеста и перцепцијата за животната средина во својата локална заедница, но и добија совети од повозрасните активисти како да ја продолжат борбата за почиста средина и да ги натераат медиумите и институциите да слушнат за нивните активности.
Според Горјан Јовановски, долгогодишен активист и творец на апликацијата „Мој воздух“, годините или неискуството не се причина да не се замат работите во свои раце. Во време на развиена технологија и достапност до различни социјални медиуми, младите имаат одлични алатки нивниот глас да се слушне.