Во Владата на Република Македонија вчера се одржа првата од најавените редовни Отворени денови на владата со Граѓанските организации.
На оваа средба, со која модерираше посебниот советник за односи со јавност во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија Марјан Забрчанец, пред присутните бројни претставници на граѓанските организации се обратија министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, Фани Каранфилова-Пановска, директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија.
Министерот Манчевски во своето обраќање истакна дека граѓанското општество е рамноправен партнер и коректор на одлуките на Владата, и дека оттаму дојде и заложбата на Владата на РМ за континуиран, транспарентен и целосно инклузивен дијалог со граѓанското општество.
„Овие заложби, се трудиме да ги решиме системски. Креираме механизми во системот кои ќе го предвидат, дефинираат и гарантираат учеството и влијанието на граѓанскиот сектор во градење на политиките на Владата. Идејата е заедно да го трансформираме системот, институциите да работат по европски правила, во служба на граѓаните, отворено, отчетно и одговорно“, нагласи Манчевски и додаде дека Владата на Република Македонија внимателно и постојано го слуша гласот на граѓанското општество и на граѓаните, при подготвувањето на реформските планови.
Министерот за информатичко општество и администрација Манчевски потенцираше дека овој отворен пристап на Владата на РМ ги даде очекуваните резултати во спроведувањето на реформскиот пакет од Планот 3-6-9, и дека оваа пракса ќе продолжи понатаму, со оглед на фактот дека реформите, како коренити промени се насушно потребни, првенствено за граѓаните, за да го издигнеме македонското општество на едно достоинствено на европско ниво.
„Во таа насока во владата размислуваме да иницираме, заедно со вас, идеи за модел за вклучување на најквалитетните претставници од граѓанското општество во преговарачките тимови по поглавја на ЕУ. Станува збор за пишувањата на одговорите во поглавјата што ќе бидат отворени кога ќе биде утврден датумот за преговори.Треба да се вклучат најупатените и најдобрите. Голем дел од ресурсите што можат да дадат сериозен придонес во затворањата на поглавјата се во граѓанскиот сектор “, рече Манчевски.
Посебен акцент во своето обраќање на првиот од низата Отворени денови на Владата со граѓанските организации, министерот Манчевски стави на улогата на граѓанските организации во борбата против корупцијата во создавањето на услови за стабилно, правично и инклузивно општество, во кое владее правото.
Министерот за информатичко општество и администрација во завршницата на своето обраќање ги охрабри претставниците на ГО да продолжат со активно учество во заедничките заложби за да се инсталираат најдобрите механизми за контрола и рамнотежа, во општество на силни и еманципирани граѓани, општество со можности за сите со пристап до ефективни, одговорни и отворени институции.
„Сите промени за подобрување на легислативата кои ги воведовме, веќе резултира со зголемување на законите објавени на ЕНЕР и зголемување на бројот на коментари од сите засегнати страни, а особено од граѓанските организации. Само за илустрација ако во 2016-та година само 8,3% од законите биле поставени на ЕНЕР, само во првите 5 месеци од 2018 тој процент изнесува 93%.
Ова значи дека повеќе не носиме закони по скратена постапка како што беше пракса претходно, туку сите законски предлог решенија ги комуницираме јавно и транспарентно. Исто така не носиме и многу и чести законски измени. Тоа значи дека се зголемува правната сигурност. Но, исто така и кога носиме законски промени, тоа се прави квалитетно, со консултации внатре со институциите и надвор со граѓаните и согласно правилата.“ изјави министерот Манчевски
Директорот за Агенцијата за млади и спорт се осврна на исклучително добрата соработка на агенцијата со младинските граѓански организации во сферата на креирањето на младинските политики, особено во делот Законот за млади и во ревизијата на Стратегијата за млади, која, како резултат на директното учество на младите преку нивните организации, ќе претрпи сериозна промени со акцент на главните приоритети на младата генерација.
Претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор Фани Каранфилова-Пановска во својот настап на денешниот Отворен ден на Владата на РМ со граѓанските организации, ги запозна присутните со работата на Советот, кој за само два месеци го изготви првиот драфт на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанските организации кој беше реализиран со исклучително значајниот сеопфатен придонес на голем број ГО.
Претседателката Каранфилова-Пановска нагласи дека понатаму ќе се работи на усовршување на стратегијата до нејзината конечна верзија за која рече дека очекува да биде одобрена со широк консензус од страна на граѓанското општество во Република Македонија.
За таа цел таа порача дека во фазата што претстои ќе настојува да обезбеди структурирен дијалог за суштински инпут во стратегијата и истакна дека во соработката на ГО со Владата очекува многу повеќе квалитет во донесените закони и политики, отколку квантитет, односно бројност во учеството.
Претседателката на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор Фани Каранфилова-Пановска како посебно важна ја издвои заложбата на Владата максимално да ги вклучи експертизата, искуството и човечките ресурси на ГО во пишувањето на поглавјата во преговарачкиот процес на Република Македонија за членство во ЕУ.
На денешниот прв Отворен ден на Владата на РМ со ГО, во дебатата зедоа учество голем број претставници на граѓанското општество со свои предлози и сугестии за одредени политики како и за начинот на кој понатаму треба да се остварува оваа соработка.
Како особено значајни и драгоцени беа оценети предлозите идните отворени денови да бидат тематски фокусирани и како приоритетна тема беше издвоена учеството на ГО во пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ.
Во таа смисла, министерот Манчевски во завршницата на оваа прва сесија на Отворените денови на Владата со ГО, ја поздрави идејата за регистер на ГО како ресурсен потенцијал од кој ќе се црпат информации за граѓанските организации и за нивната специфичност и експертиза, за да се интензивира соработката и уште повеќе да се отворат портите на Владата за да се слушне и уважи граѓанскиот глас.