Еден заразен со делта-сојот на свадба може да ги зарази сите невакцинирани лица
Д-р Ненад Лазаров во изјава за МКД.мк апелира дека во Македонија треба да има еднонеделна изолација за сите оние што се враќаат од државите во кои веќе е потврден овој сој на вирусот. Смета дека треба да се забранат свадбите во затворен простор, бидејќи само еден заразен со делта-сојот на свадба може да ги зарази сите што не се вакцинирани.
„Многу порано требаше да се реагира со тестовите и влезот на нашите државјани од надвор, сега сметам дека е веќе доцна, бидејќи делта-сојот веќе дојде и кај нас. Ако има четири потврдени, којзнае колку има непотврдени случаи на овој сој, којшто во затворено буквално се пренесува со ракување и за помалку од минута контакт со заразено лице. Овде кај нас дијаспората е масовно дојдена и за жал овој пат заедно со парите, ни донесоа и нов сој на вирус. Огромна бројка наши државјани има и во Германија и сметам дека мора да има еднонеделна изолација за сите што влегуваат во државава. За пандемијата од ковид-19 има мерки за спречување и мерки за ограничување. Оние за спречување веќе се задоцнети, а сега ни следат мерките за ограничување, кои треба да спречат поголема катастрофа“, вели д-р Лазаров, кој учествуваше и во хуманитарни акции за собирање и донирање витамини за заразените од ковид-19 што не беа во можност да ги купат.
Тој апелира сите, дури и оние што се вакцинирани, да бидат внимателни, бидејќи делта-сојот е за 60 до 70 отсто со поголема инфективност за разлика од британскиот сој, а не пак со онаа првата варијанта каде што за да се заштитиме беше доволна заштитна маска и растојание од 2 метра.