• Fri. Nov 22nd, 2024

Драшко Зидар: Плурализмот е фикција – а како ќе ја наречете привидната слобода е сосема неважно!

Сцена 112. Или како што струмичани милуваат да ја викаат, сцената под големата сцена. А во неа – малку сценографија и двајца актери. Познато е, во пиварница се, пијат пиво и разменуваат куси, помалку мачни реплики. И ги преповторуваат. Мирисот на пиво доаѓа и до публиката, заедно го дишат духот на тешкото време, на принудната потчинетост и одбраната подводливост,  борбата да се остане верен на себе, на убедувањата, но и борбата да се преживее, да се протурка  тежината без да се чувствува преголема грижа на совеста за тоа. И на крај, кој се избавува од својот пекол а кој потонува во пеколот на општеството? Може ли воопшто некој да остане чист и неизвалкан ако цел ден, катаден се препелка со буриња пиво, празни муабети и гнасотиите на средината?

На ова, Зидар ќе рече:  Плурализмот е само фикција! Па Аудиенција е севременски текст. И денес одлично ги детектира односите на власта, моќта и непослушните поданици. Денеска можете многу да пропатите ако мислите и говорите поинаку од моќниците. Не се оди во затвор, но методите на контрола и казна одлично функционираат. Гледајќи ја претставата луѓето се препознаваат во исти или слични ситуации. За жал секогаш ќе постојат власт и поданици, а како ќе се нарече привидната слобода е сосема неважно.

Драшко Зидар во претставата е тром, занесен и испи осум пива за шеесет минути. А вели дека ретко пие пиво надвор од Аудиенција. За разлика од Горан, кој пак, приватно пие пиво. За среќа, мојот соговорник со кого патем си разменуваме пораки и меилови на 1000 километри, на релација Струмица – Вировитица, вели дека добро е што алкохолот не стигнува да ја преземе глумата додека е на сцена.

  • На крајот, алкохолот не е добар господар во ниедна ситуација, се смее Драшко.

Тој лично инсистирал  да се постави Аудиенција на сцената во Вировитица, долго го осмислувал проектот, знаејќи ја актуелноста на текстот. Тамам за денешницата.

  • Со Горан се знаеме, што би се рекло „во душа“ , така што соработката не беше тешка. Горан е одличен партнер, знае кога треба да те следи, а кога треба да преземе сценска иницијатива. Многу е наклонет и инспиративен. Токму затоа нашата соработка резултираше со награда за актерско остварување за Горан на „Фестивал на глумецот“ во Винковци, еден од најзначајните фестивали во Хрватска, а јас на крајот од минатата година бев номиниран за „Награда на хрватското глумиште“. Претставата не е лесна за играње бидејќи е полна со актерски замки, само еден погрешен збор може да ве наведе на погрешни заклучоци и може да залутате во текстот иако има само 30 страници. Така што во текот на 60 минути мора да сте концентрирани 110%.

Претставата „Аудиенција“ ја има на интернет. Можете да ја изгледате цела. И тоа по ваш избор. Од овие двајца актери, или во изведба на сосема други театри. Но, она што е впечатливо, е дека ниту една нивна изведба не наликува на претходната. Тие постојано додаваат нови детали, нови движења.

  • Самиот текст остава голем простор за креирање на играта…речиси поигрување. По неколку изведби, со Горан бевме толку сигурни во содржината што почнавме да ја „полниме“ со детали, ситници, погледи, миење со пиво, и којзнае што уште ќе ни падне на памет. А создавање на личност од ликот, тоа е секогаш бескрајно забавна иако и одговорна задача.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *